• понеделник, 23 декември 2024

Промоција на монографијата „Гого Попов - Звукот на тишината“

Промоција на монографијата „Гого Попов - Звукот на тишината“

Скопје, 6 јуни 2024 (МИА) - Во Музејот на македонската борба за самостојност - Скопје вечер ќе се одржи промоција на монографијата „Гого Попов – Звукот на тишината“ од авторот Јован Божиноски-Ѓупе.

Издавач на оваа монографија е Планинарскиот Клуб „Љуботен“ од Тетово, кој следната година ќе прослави 100 години од своето постоење. Бидејќи се работи за монографија која содржи голем број на информации за настани кои се случиле во минатото, нејзината подготовка, поточно прибирањето на податоци за да се подготви оваа монографија, траеше повеќе од дваесет години.

Монографијата за Гого Попов - Стариот е дело кое преку текст и уникатни фотографии ќе Ве запознае со почетоците, историјата и развојот на планинарењето и скијањето во Македонија во периодот од почетокот на дваесеттите години па се до крајот на седумдесетитте години на минатиот век. Монографијата тематски е поделена на три сегменти: Семејство и живот, Фотографија и професија и Планина (планинарење и скијање).

Оваа монографија е единствено дело од ваков вид во Македонија. Освен тоа, што во неа може да се најдат информации за историјата на планинарењето и скијањето, содржи околу 500 фотографии направени од Гого Попов – Стариот кои ќе Ве вратат во едно време кое носи толку носталгија, бидејќи тоа што тие тогаш го работеле, го живееле, почувствувале и виделе, речиси е неповторливо.

-Следи прашањето кој е Гого Попов – Стариот? Дел од повозрасните планинари и скијачи го паметат ова име, но на помладите тоа не им е познато. За тоа кој е Гого Попов, најдобро е да се прочита од книгата, а во една реченица за него може да се пише: дека тој е човекот кој меѓу првите ги овековечи македонските планини, човекот кој меѓу првите започна да организира, да едуцира и да поставува стандарди. Професионален фотограф, планинар, скијач, тренер, инструктор, спасител, идеолог, ентузијаст, професионалец! Човек – легенда, се посочува во најавата за промоцијата на монографијата.

На промоцијата ќе се обратат претседателот на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија, Зоран Читкушев, претставникот на Планинарски Клуб „Љуботен“, Горки Качелов, уредникот и дизајнер на монографијата Александра Новеска, промоторот на монографијата д-р Бранислав Светозаревиќ - Покорни и авторот на монографијата Јован Божиноски.фф/мд/

Фото: Арт стрит26

Остани поврзан