• понеделник, 23 декември 2024

Промоција на „Математичка поезија“ од Даниела Андоновска-Трајковска

Промоција на „Математичка поезија“ од Даниела Андоновска-Трајковска
Скопје, 15 јули 2021 (МИА) - Во дворот на Педагошкиот факултет во Битола, ќе биде промовирана книгата „Математичка поезија“ од Даниела Андоновска-Трајковска, во издание на Центарот за култура и културолошки студии од Скопје. На промоцијата ќе говорат Мишел Павловски, Гордана Стојаноска и Весна Мундишевска-Велјановска. Лирските мотиви во книгата се остварени низ една повеќеслојна поетска структура со математички признаци кои ја раскажуваат бескрајната приказна на човекот. Даниела Андоновска-Трајковска со вешт и едноставен поетски јазик анимира геометриски форми за да ги прикаже човечките слабости и доблести, односно дека денеска се живее само на една права и дека најчесто луѓето денеска се темиња на триаголник кој цел живот се обидува да си ја задржи формата, дека времето е круг, а луѓето заточеници на своите остри агли. Книгата е добитник на наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија за најдобра поетска книга во 2020 година. Издавач е Центарот за култура и културолошки студии од Скопје. Даниела Андоновска-Трајковска родена 1979, во Битола е поет, прозаист, уредник на списанија, книжевен критичар, промотор на книжевни дела, доктор на науки и редовен професор по методика од областа на јазикот и литературата на Педагошкиот факултет – Битола, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола. Акредитиран ментор е на докторски студии со објавени над 100 научни трудови во референтни меѓународни публикации, учесник во значајни меѓународни образовни и научни проекти и национален обучувач за наставници. свс/нд/

Остани поврзан