Промоција на книгата „Гевгелија порта кон Европа“ од Кире Јанишлиев
- Во Гевгелија, вечер, ќе биде промовирана книгата „Гевгелија порта кон Европа“ на Кире Јанишлиев, издание во коешто се опфатени новинарски статии за неговата родна Гевгелија, а објавени во весникот „Нова Македонија“, соопштија од Општината.

Гевгелија, 8 април 2025 (МИА)- Во Гевгелија, вечер, ќе биде промовирана книгата „Гевгелија порта кон Европа“ на Кире Јанишлиев, издание во коешто се опфатени новинарски статии за неговата родна Гевгелија, а објавени во весникот „Нова Македонија“, соопштија од Општината.
Модератор на промоцијата е Сара Јанишлиева, а обраќања ќе имаат Тони Аврамов и Бобан Хусеновски, додека интерпретацијата на текстовите е на Петар Јанчев. На промоцијата со музички изведби ќе се претстават ученици од ООМУ „Васо Карајанов“од Гевгелија.
Кире Јанишлиев (1951) е роден во Гевгелија, каде завршува основно и средно образование. Во 1975 година, дипломира на Факултетот за политички науки - група Новинарство, на Универзитетот во Белград. Својот работен век го остварува како новинар во Радио „Гевгелија“ и „Нова Македонија“ и административен службеник во Општина Гевгелија. Добитник е на наградата „Крсте Мисирков“, највисоко државно признание во новинарството што го доделува ЗНМ за најуспешни новинарски трудови во печатот (1977), како и наградата „Нова Македонија“ за едногодишна новинарска дејност (1988). Јанишлиев е основач и уредник на првиот независен весник во Гевгелија „Гевгелиска јавност“ (1994-1996), уредник на весникот „ЗИК Винојуг“ (1975-1978), како и повеќегодишен уредник на месечникот „Гевгелија инфо“ (2004), којшто подоцна се преименува во „Гевгелиски магазин“ во издание на Општина Гевгелија. Исто така, автор или уредник е на првата монографија „Гевгелија“, монографијата „Гевгелија 130 години град“, монографијата „Општина Гевгелија 2009“ и „Флора и фауна во Општините Гевгелија и Разлог“ во издание на Општина Гевгелија.
Издавањето на книгата „Гевгелија порта кон Европа“ е финансиски поддржано од Општина Гевгелија преку Програмата за програми и проекти од областа на културата за 2025 година, а промоцијата е дел од априлската програма за манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“.рт/вг/
Фото: Општина Гевгелија