• понеделник, 23 декември 2024

Промовирана стихозбирката „Секој секому огледало“ од Андреј Ал-Асади

Промовирана стихозбирката „Секој секому огледало“ од Андреј Ал-Асади
Скопје, 27 мај 2022 (МИА) - Во издание на ПНВ Публикации од Скопје вчера беше промовирана стихозбирката „Секој секому огледало“ од Андреј Ал-Асади. На промоцијата на платото пред Младинскиот културен центар во Скопје се читаа стихови од неговата шеста книга која претставува збирка издадена во рамки на едицијата „Гравири“. На нејзините страници, покрај песните испечатени се и неколку QR кодови, кои при скенирање со мобилниот телефон го поврзуваат читателот со аудиоснимка направена специјално за ова издание, на која авторот ја чита конкретната песната. Поетот Славе Ѓорѓо Димоски вели дека Андреј Ал-Асади со сигурни чекори го освојува врвот на современата македонска поезија. - Цврст доказ е книгата „Секој секому огледало“. Станува збор за прочистена и зрела книга, со рафиниран израз и „особен“ поетски јазик. Сите песни се длабоко промислени, експресивни, со амбиција да ги продлабочат и прошират видиците на поетскиот свет. Во нив се препознава вистински мајстор, кој поетските синтагми ги спојува во најубавите и најасоцијативните слики во современата македонска лирика. Поетот апострофира низа податоци, дури и детали од културниот, историскиот, менталниот склоп и со личните, внатрешните превирања, стиховите ги сместува во најфиниот простор помеѓу сетилното и артрикулацијата на мислата. Станува збор за исклучителна поетска книга, вели Димоски. Според Гоќо Здравески, „Секој секому огледало“ е време исполнето со смисла. - Во оваа книга поезијата повторно пее во ритам и во рима, убавиот македонски јазик е оживеан, на старите подзаборавени зборови им е најдено ново место. Андреј Ал-Асади ем знае што прави ем знае како да го направи тоа, вели Здравески. Промотор, кој даде сеопфатен осврт на содржината на стихозбирката, беше професор д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, додека, разговорот со авторот го водеше Јулијана Величковска. Андреј Ал-Асади е роден 1996 година, во Лондон. Дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на стихозбирките “Midnight Blues” (2013, Антолог), како и „Под дервишовото сиќе“ (2018, ПНВ Публикации) и „Небесна геометрија“ (2019, ПНВ Публикации) со кои влезе во најтесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат СВП. Автор е и на збирките раскази „Друго минато“, за која во 2018 г. ја доби наградата за дебитантски прозен ракопис „Новите“ од „Темплум“, и „Утрото на бессоните“ (2021, Бегемот). Учествувал на повеќе поетски читања и фестивали, меѓу кои: Поетска ноќ во Велестово и Струшките вечери на поезијата. Негови песни се преведени на англиски, на арапски, на српски, на хрватски и на италијански јазик. ар/са/  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан