Продолжува пребарувањето на невакцинирани деца, пријавени нови случаи на пертусис во Куманово
- Ранливи се оние кои воопшто не се вакцинирани и бебињата до два месеца, кои пак не примаат вакцина на таа возраст.
Куманово, 19 јули 2024 (МИА) - Осум новопријавени случаи на пертусис регистрира Центарот за јавно здравје - Куманово, соопштија денеска надлежните. Според податоците на ЦЈЗ -Куманово, случаите се пријавени минатата недела. Од нив, пет во општина Куманово, два во Кратово и еден во Крива Паланка.
- Сè уште е во тек пријавената епидемија од месец март. Минатиот месец имавме 20 нови случаи. Инаку, од почетокот, досега на ниво на Центарот за јавно здравје, пријавени се вкупно 86 случаи, од кои 70 на ниво на општина Куманово и општина Липково, изјави раководителката на епидемиолошкото одделение, доктор Јадранка Стаменковска.
Остануваат препорачаните мерки за оваа состојба, пребарување на невакцинираните, на нецелосно вакцинираните деца, целосна вакцинација, изолација на заболените.
- Активно ги пребаруваме заедно со екипите од Здравствен дом, оние деца кои се невакцинирани и некомплетно вакцинирани. Останува препораката за целосна вакцинација особено до една година, три дози на ди-те-пер да се дадат и оние коишто доцнат со вакцините, бидејќи една од противепидемиските мерки е редовно да се вакцинираат и да се пронаоѓаат оние коишто се некомплетно вакцинирани. Тука е изолацијата на заболените, се следи состојбата на ниво на Центарот за јавно здравје - Куманово, додаде Стаменковска.
Оние коишто се вакцинирани целосно, претежно станува збор за повозрасни лица, поминуваат со полесна клиничка слика, а ранливи се оние кои воопшто не се вакцинирани и бебињата до два месеца кои пак не примаат вакцина на таа возраст.
Од Центарот за јавно здравје појаснија дека продолжуваат мерките согласно укажувањата на Комисија за заразни болести и Институтот за јавно здравје - засилени епидемиолошки истражувања, откривање сомнителни случаи, проверки на вакцинални статуси, изолации на заболени и препораки за привремено исклучување од установи, школи, градинки, едукативни центри, редовно и навремено пријавување на заболувања од матични лекари, епидемиолошки увиди кај вакцинанлни пунктови, препораки за вакцинирање на сите невакцинирани, непотполно вакцинирани, повикување за вакцинација, комуникации со надлежни установи да не се примаат на настава деца со сомнителна кашлица и температура, мерки за хигиена, забрани за посета во болницата на хоспитализираните.
Првиот случај на пертусис во Куманово е евидентиран на 6 февруари. ам/бд/
Фото: МИА