• недела, 22 декември 2024

Продолжува политичката криза во Белгија: Нова влада не е на повидок ниту пет месеци по изборите

Продолжува политичката криза во Белгија: Нова влада не е на повидок ниту пет месеци по изборите

Брисел, 4 ноември 2024 (МИА) – Лидерот на десничарската Нова фламанска алијанса (Н-ВА), Барт де Вевер денеска на белгискиот крал Филип му го врати доделениот мандат за формирање на нова Влада на Белгија, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Како што соопшти белгиската Кралска палата, на денешната средба со кралот, Де Вевер формално му ја доставил својата оставка како мандатар за формирање Влада, но белгискиот монарх сепак му дал дополнително време за консултации околу можноста за создавање нова владина коалиција. 

Како што се наведува во соопштението, новиот краен рок до кога Де Вивер треба да се обиде да обезбеди мнозинство во белгискиот Федерален парламент е 12 ноември. 

Одлуката на Де Вевер за враќање на мандатот уследи по последните консултации меѓу петте потенцијални владини партнери одржани претпладнево. 

По средбата Де Вевер не даде никаква изјава, туку директно се упати кон Кралската палата. 

Како што јави државниот радиодифузен сервис ВРТ, пред консулатциите првиот човек на партијата Христијански демократи и Фламанци (ЦДВ), Семи Махди изјави дека не е оптимист оти ќе биде постигнат напредок меѓу петте лидери на партиите вклучени во преговорите за формирање на новата влада – фламанските Н-ВА, ЦДВ и Напред (Вуројт) и валонските Реформско движење (МР) и Посветените (ЛЕ). 

- Шансите се доста ограничени, тоа сите го знаеме, рече Махди. 

Сепак, по средбата, тој изрази надеж дека преговорите меѓу петте партии ќе продолжат, нагласувајќи дека секоја од нив треба да го преземе својот дел од одговорноста за формирањето нова Влада. 

- Има многу добри работи во (коалицискиот) договор и голем број помалку добри работи. Мораме да преговараме за тоа, рече Махди. 

Инаку, многу пред останатите, денешните консултации прв ги напушти лидерот на социјалдемократската партија Вуројт, Конер Русо, кога првиот човек на либералното МР, Жорж-Луј Буше го посочи како „виновник за неуспехот на преговорите“. 

- Пред локалните избори рече дека мора да чекаме поради изборите. Ден по изборите, одеднаш стана уште порадикален во своите позиции. Тој сака да добие се однапред. Тоа е како да играме фудбал и уште пред да започне натпреварот некој да каже: Сакам два гола предност, инаку нема да играм, изјави Буше. 

Според него, оние кои се сметаат за демократи во одреден момент мора да се согласат да седнат на преговарачка маса. - Одбивањето дијалог ја блокира земјата, тоа е неодговорно, рече Буше. 

На изборите за Долниот дом на белгискиот Федерален парламент, одржани на 9 јуни, Н-ВА на Де Вевер освои 24 пратеници, пред националистичката и десно популистичка Фламански интерес (ВБ) и РМ со по 20, валонската Социјалистичка партија (ПС) со 16, Работничката партија на Белгија (ПВДА/ПТБ) со 15, ЛЕ со 14, Вуројт со 13, ЦДВ со 11, Отворените Фламански либерал и демократи (Опен ВЛД) со 7, Зелените со 6, Еколо со 3 и бриселската регионална либерална партија Независни федерални демократи (ДЕФИ) со 1 мандат.  

По неколкунеделни консултации со парламентарните партии, кралот Филип му довери задача на Де Вевер да се обиде да состави нова владина коалиција, но кон средината на август тој го врати мандатот. По ова, кралот на 23 август го задолжи лидерот на ЛЕ, Максим Прево да посредува во обидите за формирање нов владин кабинет.  

На 1 септември Прево изјави дека е „воодушевен од успехот на неговата мисија“. - Сите партии ја потврдија својата решеност да ги спроведат важните структурни реформи, кои треба да ја вратат Белгија на колосекот на просперитетот и благосостојбата за нејзиното население и економија. Сега останува да се одреди методологијата и начинот за продолжување на преговорите, изјави Прево.   

Врз основа на резултатите од мисијата на Прево, на 2 септември кралот Филип одново го задолжи Де Вевер да ги продолжи преговорите меѓу петте можни партнери за формирање идна владина коалиција, за што првичниот краен рок беше 23 септември, но поради локалните избори во Белгија што се одржаа на 13 октомври, тој беше пролонгиран, прво до 17 октомври, а потоа и до денеска.  

Според белгиските медиуми главни спорни прашања меѓу потенцијалните идни владини партнери се реформите поврзани со даночниот систем, вработувањето и пензиите, заедно со буџетските трошоци за нив, како и Предлог-законот за абортус. 

Прашањето за Буџетот е особено важно од причина што Европската комисија веќе поведе постапка против Белгија поради прекумерен буџетски дефицит, па трошоците за планираните реформи мора да се усогласат со плановите за намалување на буџетската потрошувачка. сп/

Фото: Скриншот

Остани поврзан