• петок, 22 ноември 2024

Продолжува евакуацијата на Грците од Судан

Продолжува евакуацијата на Грците од Судан

Атина, 24 април 2023 (МИА) – Во две групи, првата со помош на Франција, втората со помош на Италија, успешно беа евакуирани грчки државјани од Судан, а операцијата за евакуација на останатите Грци продолжува, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството за надворешни работи на Грција соопштија дека синоќа беше евакуирана првата група во која се и двајцата повредени Грци, додека пак рано утрово, беа евакуирани уште десет лица.

Сите грчки државјани со помош на француски и италијански авиони, веќе се пренесени во Џибути, каде што се наоѓаат грчката амбасадорка во Етиопија и почесниот конзул во Џибути за да ги пречекаат Грците и да асистираат доколку им е потребна помош.  

Шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас синоќа им се заблагодарил на министерката за надворешни работи на Франција и на нејзината заменичка за „суштинската помош на Франција за безбедна евакуација на Грците од Судан“, додека пак денеска, на Советот за надворешни прашања на ЕУ, се очекува да изрази благодарност и до шефот на италијанската дипломатија за помошта од Италија. 

-Процесот и координацијата со партнерите од ЕУ и сојузниците за евакуација на преостанатите Грци и членовите на нивните семејства е во тек, соопштија од грчкото МНР.

Како што вчера објави МИА, министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас соопшти дека со одлука на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис авиони на военото воздухопловство, заедно со персоналот на специјалните сили, ќе се префрлат во Египет подготвени да учествуваат во операцијата за спасување на грчките граѓани.

Заменик- шефот на грчката дипломатија Андреас Кацаниотис во изминатите денови, говорејќи за медиумите во Грција рече дека во Судан има околу 150 грчки државјани. ср/сд/

Остани поврзан