• понеделник, 23 декември 2024

Продолжува комисиската расправа за кандидатурата на Љубомир Јовески за уставен судија

Продолжува комисиската расправа за кандидатурата на Љубомир Јовески за уставен судија
Скопје, 5 октомври 2022 (МИА) - По дадената пауза, попладнево продолжи седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, на која членовите дискутираат за кандидатурата за уставен судија на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, предложен за оваа должност од страна на владејачките партии. И на попладневната дел на расправата, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја продолжија праксата на држење на неколкучасовни говори. Според нив, лица како Татјана Бозаџиева и Љубомир Јовески не заслужуваат да бидат избрани за уставни судии. Тие посочија дека за владејачките пратеници, не се соодветни кадри лица кои целиот свој живот го поминале во правосудството, на пишување на трудови, претставувајќи ја државата на разни научни симпозиуми во странство, а за нив чинат лица како Бозаџиева и Јовески, бидејќи, како што рекоа, го поддржуваат коруптивното работење. Тие сметаат дека лица „без никаква кариера во правосудството“ не можат да бидат избрани за идни членови на Уставен суд. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески истакна дека е потребно да се донесе нов закон за уставни судии, каде би биле дефинирани сите критериуми за тоа што значи „истакнат правник“, кој, како што рече, е единствен критериум за избор на уставен судија. Тој упати апел до пратениците од владејачките партии заеднички да изберат стручни кадри за уставни судии, кои ќе работат на доброто на граѓаните. - Уште еднаш ќе ви ги прочитам критериумите по кои сте ги избрале, односно квалитетите кои ги поседуваат за да станат ваши кандидати за уставни судии - личности со изразено чувство за личен интерес, желба за моќ и влијание, без интегритет и етичност. Вакви лица не заслужуваат да бидат уставни судии. Без дебата и без аргументи, зошто овие лица да бидат избрани? Затоа што некој така посакал, за некој понатаму да му го бранат богатството со која незаконски се збогатуваат?, рече Ристески. На претходните седници, членовите на оваа Комисија дадоа поддршка на кандидатите Татјана Васиќ Бозаџиева, која работи во Министерството за правда, како државен советник за граѓанско законодавство и на граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје, Фатмир Скендер, и двајцата предложени од СДСМ. Од предложените шест кандидати за уставни судии на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ниту еден не доби поддршка. Партијата ги предложи Саво Климовски, универзитетски професор, Тодор Витларов, вработен во Вишото јавно обвинителство во Штип, судијата во пензија Бранко Секуловски, Воислав Димовски, доскорешен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид и судијката од Управниот суд, Весна Јовановска и професорка Родна Живковска. Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав, бидејќи од девет члена на четворица им е истечен мандатот. фф/сп/

Остани поврзан