• понеделник, 04 ноември 2024

Продолжен мандатот на Де Вевер за формирање нова Влада на Белгија 

Продолжен мандатот на Де Вевер за формирање нова Влада на Белгија 

Брисел, 23 септември 2024 (МИА) – Поради локалните избори во Белгија закажани за 13 октомври, белгискиот крал Филип денеска реши да го пролонгира крајниот рок до кој лидерот на десничарската партија Нова фламанска алијанса (Н-ВА), Барт Де Вевер, треба да се обиде да формира нова Федерална влада на земјата, до 17 октомври. 

На 2 септември кралот Филип го задолжи Де Вевер, чија Н-ВА освои најголем број пратеници на јунските парламентарни избори, да се обиде да формира нова белгиска Влада и да му поднесе извештај за резултатите од неговата мисија најдоцна до 23 септември. 

Како што соопшти Кралската палата во Брисел, кралот денеска го примил Де Вевер, кој го информирал за досегашниот тек на преговорите со потенцијалните коалициски партнери за формирање нова Влада, по што било договорено мандатот на неговата мисија да биде продолжен до по Локалните избори до 17 октомври.  

Според електронското издание на белгискиот весник „Соар“, на 17 октомври Де Вивер треба на кралот Филип да му достави извештај за текот на преговорите за формирање на идниот владин Кабинет, како и за планираните реформи поврзани со даночниот систем, вработувањето и пензиите, заедно со буџетските трошоци за нив.  

Прашањето за Буџетот е особено важно од причина што Европската комисија веќе поведе постапка против Белгија поради прекумерен буџетски дефицит, па трошоците за планираните реформи мора да се усогласат со плановите за намалување на буџетската потрошувачка. 

Според „Соар“, Де Вевер побарал да му се остави рок до крајот на годината за да изработи детален план за консолидација на јавните финансии на Белгија. 

Во преговорите за формирање на новата владина портокалово-сино-црвено-жолта „Аризона“ коалиција на Белгија, покрај Н-ВА се вклучени и франкофонското либерално Реформско движење, франкофонската центристичка партија Посветените (ЛЕ), фламанската социјалдемократска партија Прогрес (Вуројт) и десно центристичката Христијански демократи и Фламанци (ЦДВ). 

Покрај околу веќе споменатите реформи, меѓу овие пет партии се водат преговори и за усогласување на ставовите околу Предлог-законот за абортус, кој го иницираат четири партии од веројатната идна парламентарна опозиција – франкофонската лево центристичка Социјалистичка партија (ПС), левичарската Работничка партија на Белгија (ПВДА/ПТБ), либералната Отворени Фламански либерали и демократи (Опен ВЛД) и двете еколошки партии - фламанската Зелени и валонската Еколо. 

На изборите за Долниот дом на белгискиот Федерален парламент, одржани на 9 јуни, Н-ВА освои 24 пратеници, пред националистичката и десно популистичка Фламански интерес (ВБ) и РМ со по 20, ПС со 16, ПВДА/ПТБ со 15, ЛЕ со 14, Вуројт со 13, ЦДВ со 11, Опен ВЛД со 7, Зелените со 6, Еколо со 3 и бриселската регионална либерална партија Независни федерални демократи (ДЕФИ) со 1 мандат. 

По неколку неделни консултации со парламентарните партии, кралот Филип му довери задача на Де Вевер да се обиде да состави нова владина коалиција, но кон средината на август тој го врати мандатот. По ова, кралот на 23 август го задолжи лидерот на ЛЕ, Максим Прево да посредува во обидите за формирање нов владин кабинет. 

На 1 септември Прево изјави дека е „воодушевен од успехот на неговата мисија“. - Сите партии ја потврдија својата решеност да ги спроведат важните структурни реформи, кои треба да ја вратат Белгија на колосекот на просперитет и благосостојба за нејзиното население и економија. Сега останува да се одреди методологијата и начинот за продолжување на преговорите, изјави Прево.  

Врз основа на резултатите од мисијата на Прево, кралот Филип одново го задолжи Де Вевер да ги продолжи преговорите меѓу петте можни партнери за формирање идна владина коалиција, за што првичниот краен рок од 23 септември, сега е продолжен до 17 октомври. 

Остани поврзан