Пријавени 27 студенти на јавниот повик за доделување еднократна помош во општина Општина Маврово и Ростуше
- На јавниот повик за доделување еднократна помош до соодветните служби во општина Маврово и Ростуше пријави и потребни документи доставиле 27 студенти, изјави за МИА Омер Муратоски, советник за млади во општината.
Дебар, 12 февруари 2024 (МИА) - На јавниот повик за доделување еднократна помош до соодветните служби во општина Маврово и Ростуше пријави и потребни документи доставиле 27 студенти, изјави за МИА Омер Муратоски, советник за млади во општината.
-До крајниот рок, 6 февруари, за остварување на ова право, кое општината го доделува веќе трета година, аплицираа 27 студенти, што е речиси идентична бројка со претходните две академски години. Посебната комисија треба да ги разгледа доставените документации, по што ќе се одлучи кој ќе го оствари правото на финансиски надомест во износ од по 6.000 денари, додава тој.
Според него, оваа финансиска помош се доделува со цел мотивирање на младите да го продолжат школувањето на високо-образовните институции и да се трудат редовно да ги полагаат испитите.
-Право имаат редовни студенти, како и вонредни, но кои не се вработени, а се запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Северна Македонија за студиската 2023/2024 година. Еден од условите за остварување на ова право е студентот да не е во работен однос и да е жител на општина Маврово и Ростуше, не е потребен просек туку единствен услов е редовно полагање на испитите, објаснува Муратоски.
Во изминатите две академски години ова право го оствариле 56 студенти, од нив 29 минатата и 27 студенти претходната година. вт/мд/
Фото: МИА