Припадници на Крајбрежната служба на Грција препродавале запленета дрога
- Најмалку десет лица се уапсени за трговија со дрога во Грција, меѓу нив и двајца припадници на Крајбрежната служба, а се товарат дека препродавале запленет кокаин, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 18 декември 2023 (МИА) – Најмалку десет лица се уапсени за трговија со дрога во Грција, меѓу нив и двајца припадници на Крајбрежната служба, а се товарат дека препродавале запленет кокаин, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.
Весникот „Катимерини“ пишува дека едниот уапсен е управител за безбедност на Централното пристаниште во Пиреас и ја извршувал функцијата раководител на Регионалниот тим за борба против дрога, формиран во 2008 година, а другиот бил припадник на Крајбрежната служба и во моментот на апсењето, во неговиот дом биле пронајдени осум килограми дрога.
Според весникот, уапсените тргувале со големо количество кокаин од запленети товари.
Државната телевизија ЕРТ објави дека според истрагата што траела над два месеци, двајцата припадници на Крајбрежната служба, ваделе кокаин од запленетите количества дрога и заедно со другите членови на мрежата, го препродавале.
Меѓу уапсените, според истите информации се и тројца затвореници, меѓу кои и една жена, која била „мозокот“ на групата. ср/сд/