• четврток, 26 декември 2024

Прилепскиот дневен центар „Ѕуница“ го одбележа Меѓународниот ден на лицата со попреченост

Прилепскиот дневен центар „Ѕуница“ го одбележа Меѓународниот ден на лицата со попреченост

Прилеп, 3 декември 2024 (МИА) - Со богата приредба и насмеани лица, корисниците на Дневниот центар „Ѕуница“ во Прилеп го одбележаа 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Дневниот центарт „Ѕуница“ дневно згрижува 15 корисници од различни возрасти и е меѓу првите отворен во земјава пред 22 години.

-Во текот на сите овие години во нашиот Дневен центар сме згрижувале вклупно 50 корисници. Дел од нив се вклучени во образовниот процес и ним им е обезбеден образовен асистент, на дел од корисниците им е обезбеден и личен асистент, оние кои се работно оспособени, се вработени, а дел се вклучени во Дневниот центар, изјави Снежана Јошевска, социјален работник и координатор на Центарот.

Во Центарот се корисници од 7 до 37 години, поделени се во групи и има простор за сите. Со нив работи комплетен тим стручни лица.

-Меѓу корисниците имаме и пет деца со аутизам. Имаме сензорна соба, има активности од музичко, физичко воспитување, работилница за изработка на инвентивни предмети, објаснува Јошевска.

Во Прилеп шест години работи и Центарот за лица со церебрална парализа каде треба да се вработи дефектолог, а се појавува потреба од Дом или Центар за сместување на повозрасните лица со попречености.

-Во моментов дневниот центар „Ѕуница“ ги задоволува потребите во грижата за лицата со попреченост. Се надевам дека по Нова година, во Центарот за лица со церебрална парализа ќе го решиме проблемот со недостигот од дефектолог. Во наредниот период, во соработка со Министерството и со Општината, се надевам дека ќе може да формираме нови дневни центри кои ќе можат посебно внимание да им обратат на различните возрасти и интереси на корисниците, изјави Зоран Малкоски, директор на Центарот за социјални работи од Прилеп.

Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески насвести дислоцирање и проширување на просторот за дневниот центар „Ѕуница“ што ќе значи подобри услови за сите корисници.ем/

Фото: МИА

Остани поврзан