• недела, 30 јуни 2024

Приведени шест лица, серија претреси, пронајдено оружје

Приведени шест лица, серија претреси, пронајдено оружје

Скопје, 17 ноември 2023 (МИА) - Во текот на вчерашниот ден во посебни акции, полициски службеници извршиле  претреси во Виница, Македонски Брод, Дебрца, Гостиварско и Гевгелиско, при што биле приведени шест лица, а пронајдени пиштол, три ловечки пушки, четири воздушни пушки, муниција и други предмети.

Во еден од претресите, во Виница, соопштија денеска од МВР, е пронајден пиштол, а во друг претрес во село Калиште, општина Врапчиште, пронајдени се две ловечки пушки и муниција. Министерството за внатрешни работи, се наведува во соопштението, и во наредниот период продолжува со интензивните акции за сузбивање на нелегалното поседување на оружје.

Во село Калиште, општина Врапчиште, вчера околу 16.00 часот полициски службеници од ОВР Гостивар го лишиле од слобода Ф.С.(47) од село Калиште. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени ловечка пушка „Сухл“ калибар 12 милиметри со 23 патрони калибар 12 милиметри и ловечка пушка-пумпарица без потребните документи.  Ф.С. е задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Полициски службеници од ОВР Македонски Брод и ОВР Прилеп при СВР Битола, вчера ги лишиле од слобода М.Т.(35), М.М.(45), двајцата од село Брезница, општина Македонски Брод и Б.С.(44) од село Сарандиново, општина Долнени. При претрес во куќа во село Тажево, општина Македонски Брод, која ја користи Б.С.(44), извршен со судска наредба, се посочува во соопштението од МВР, биле пронајдени и одземени повеќе куршуми и патрони со различен калибар, ловечки ножеви, како и различна опрема за оружје.

- Инаку, во куќата биле затекнати М.Т. и М.М., кои изјавиле дека биле пратени од Б.С. да ги отстранат од куќата и да ги однесат на друго место. Додека, при претрес во куќа во с.Сарандиново, сопственост, на Б.С., биле пронајдени и одземени фалсификувана службена легитимација и други предмети поврзани со кривичното дело. По документирање на настанот против лицата ќе следува соодветна пријава, појаснуваат од МВР.

На 16.11.2023 во 14.30 часот, полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Охрид го лишиле од слобода Б.К.(41) од селото Ботун, општина Дебрца. При претрес во неговиот дом, извршен по судска наредба, пронајдени и одземени се ловечка пушка „Црвена застава“ и 15 куршуми различен калибар, кои нелегално ги поседувал. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Гевгелија вчера го лишиле од слобода и Г.Д. (37) од гевгелиското село Мрзенци. При претрес на неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени четири воздушни пушки, 184 куршуми со различен калибар, два патрони за ловечка пушка и една чаура. Запознаен е Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија и по документирање на случајот против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава.

Во периодот од 12.30 до 14.30 часот, вчера, со судска наредба, полициски службеници од ОВР Виница извршиле претрес во домот и други простории на Џ.Р.(60) во Виница и во виничкото село Градец. При претресот, информираат од МВР, извршен во присуство на неговата сопруга и неговиот брат, бил пронајден и одземен пиштол „Валтер“ калибар 4.5 милиметри. По целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава. цр/са/

Фото: МИА архива

видео: МВР

Остани поврзан