• сабота, 23 ноември 2024

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес ја одобри истрагата за импичмент на Бајден

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес ја одобри истрагата за импичмент на Бајден

Вашингтон, 14 декември 2023 (МИА) - Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, во кој мнозинство има опозициската Републиканска партија, ја одобри истрагата за импичмент на претседателот Џо Бајден.

За спроведување на истрагата гласаа 221 пратеник, а 212 беа против, но за да биде сменет Бајден од претседателската функција, на крајот од процесот на импичмент, треба да го осуди горниот дом, Сенатот, кој е под контрола на демократите.

Сите републикански пратеници гласаа за отворање истрага против Бајден, иако некои во партијата признаваат дека сè уште нема докази дека претседателот го прекршил законот.

Одлуката да се гласа за истрагата за импичмент доаѓа во време кога претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон и неговиот тим се под зголемен притисок да постигнат напредок во речиси едногодишната истрага за деловните активности на членовите на семејството Бајден.

Таа истрага покрена некои етички прашања, но не беа пронајдени докази дека Бајден бил вмешан во корупција како претседател (од 2021 година) или потпретседател на САД (2009-2017).

Во фокусот на истрагата е бизнисот на синот на Бајден, Хантер, во Украина и Кина во времето кога неговиот татко бил потпретседател на САД. Неколку часа пред гласањето, Хантер Бајден одби да сведочи зад затворени врати.

Републиканците велат дека пронашле докази дека Хантер Бајден ги уверувал своите клиенти дека може да им обезбеди пристап до канцеларијата на американскиот потпретседател, но досега не успеале да најдат докази дека Џо Бајден им помогнал на тие компании на кој било начин или дека стекнал финансиска добивка од нив. Белата куќа тврди дека истрагата е политички мотивирана. паг/

Фото: МИА архива

 

 

 

Остани поврзан