• петок, 22 ноември 2024

Претседателот Пендаровски ја посети 44. МАКИНОВА и 21. ЕКОНОВА во Берово

Претседателот Пендаровски ја посети 44. МАКИНОВА и 21. ЕКОНОВА во Берово

Берово, 11 ноември 2023 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски денеска ја посети 44. Меѓународна изложба за иновации, пронајдоци, патенти, дизајн, идеа, нови производи и технологии, трговски марки, истражувачки проекти и младинско творештво - МАКИНОВА 2023 и 21. Меѓународна изложба за еколошки иновации и истражувачки проекти - ЕКОНОВА 2023, што под негово покровителство викендов се одржува во Берово.     

На настанот, во организација на Сојузот на пронаоѓачи и автори на технички унапредувања на Македонија (СПАТУМ) и Народна техника на Македонија, претседателот Пендаровски ги разгледа изложените иновации, оценувајќи дека овие дела сведочат за креативноста, знаењето, вештините и макотрпната и креативна работа на учесниците.     

Шефот на државата истакна дека настанот е одлична можност за промовирање и афирмирање на креативните идеи, како и за создавање контакт со деловни лица заинтересирани за вложување, производство и пласман на соодветните иновативни решенија на пазарот. Повика соодветно да се вреднува и искористи потенцијалот и креативноста на младите таленти и да се работи на обезбедување на услови за понатамошно нивно усовршување и развој.     

Во рамки на манифестацијата, претседателот Пендаровски ги врачи признанијата на наградените учесници на двете изложби.

Заменик министерката за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиевска која исто така присуствуваше на настанот и додели дел од наградите, истакна дека обврска како општество е да ги мотивираме и поддржиме младите генерации доколку сакаме да имаме иднина, а Министерството, како што додаде ги поддржува и секогаш ќе ги поддржува овие активности.

-Мора да создадеме опкружување за децата и младите да ја ослободат својата креативност, да ги остварат своите визии и да ги убедиме дека се е можно, доколку ја разбираат и сакаат животната средина. Ние сме тие кои треба да ги поттикнеме и дадеме простор, да го остварат она што го замислуваат, бидејки тие се нашата сила, нашата иднина и најголеми двигатели на промените. Во оваа прилика би сакала да упатам пофалба до сите учесници што беа дел од овој процес, рече Оџаклиевска.

Како институција каде се заштитуваат правата од индустриска сопственост, директорот на Државниот завод за индустриска сопственост Блерим Идризи ги покани младите да ја посетат установата и да ги регистрираат нивните иновации.

-Индустриски права се патент, трговска марка итн., секогаш сме тука да помогнеме при постапката за самата регистрација. Ние традиционално ја поддржуваме оваа изложба и овој пат помагаме со паричен износ и плакети. На сите добитници им посакувам добро здравје и многу успех во понатамошната работа, рече Идризи.

Официјалниот дел од настанот заврши со заедничка фотографија на сите учесници, а истиот продолжува и утре со „Училиштето за иновации“ со ученици од Берово. вс/вг/

Фото: Кабинет на Претседателот/МИА

Остани поврзан