• понеделник, 23 декември 2024

Претседателот Пендаровски ја посети Фондацијата „Little Bits of Good Foundation“

Претседателот Пендаровски ја посети Фондацијата „Little Bits of Good Foundation“

Скопје, 12 февруари 2024 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски денеска го посети туторијалниот центар на Фондацијата „Little Bits of Good Foundation“ во Чаир, којшто заедно со центрите во Гази Баба, Бутел 2 и Визбегово, е дел од подружницата на оваа фондација во земјава.

Претседателот Пендаровски во центарот „Мотиви“ во Чаир присуствуваше на настава по математика и ликовно. A дел од дечињата од основните училишта од Чаир, коишто следат настава на албански јазик, ги пишуваа своите домашни задачи. Со учениците, претседателот Пендаровски поразговара за нивните омилени предмети и за предметите коишто ги изучуваат со помалку љубов, како и за насликаните дела.

Во текот на посетата, одговорните лица за програмата на центрите, подетално го информираа претседателот Пендаровски за програмата којашто се применува, како и со предизвиците и постигнатите резултати од ваквиот вид настава во центарот.

Истовремено надлежните потенцираа дека целта на нивните активности за ученици од околните основни училишта е да се подобри квалитетот на животот на сиромашните семејства и самохраните мајки. Исто така, посочија дека Фондацијата нуди парична помош за лицата со попреченост коишто не се работоспособни, како и медицински стипендии за студенти со високи постигнувања и недоволно застапени студенти од скопскиот регион на акредитираните медицински факултети.

Четирите туторијални центри на Фондацијата „Little Bits of Good Foundation“ ги посетуваат околу 500 ученици, а покрај настава по природни науки, во нив се одржуваат и курсеви по македонски и англиски јазик, а со збогатена програма од областа на уметноста и преку годишна изложба на уметнички дела, на талентираните ученици им се дава можност да ги покажат своите вештини. мч/aa/

фото: Кабинет на претседателот на РСМ

Остани поврзан