Претседателката Сиљановска Давкова ги додели сертификатите на учесниците на Кампот за високо-технолошка извонредност во Охрид
- Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги додели сертификатите на учесниците на четвртото издание на „Охрид камп за високо-технолошка извонредност“, што се одржува под покровителство на Претседателот на државата, а во организација на „Македонија 2025“.
Охрид, 11 јули 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги додели сертификатите на учесниците на четвртото издание на Кампот за високо-технолошка извонредност што под нејзино покровителство во организација на „Македонија 2025“ се одржува во Охрид.
Учесниците на кампот пред претседателката ги презентираа нивните проекти изработени на годишната тема на „Фрст Лего Лигата“ - натпреварот за едукативна роботика, што претставуваат креативен спој на уметноста и технологијата со изнаоѓање на уникатни решенија за реалниот живот.
Претседателката Сиљановска Давкова во обраќањето кон учесниците на Кампот ја истакна важноста од интердисциплинарен пристап во едукацијата и неопходноста да се стимулира развојот на високо-технолошките вештини.
Таа порача дека иднината е во технологијата, дека без научници светот не може да оди напред, и оти тие се пионерите кои го имаат умот, знаењето, креативноста, духот за тимска работа, коишто инспирираат и оттаму потребата, како што рече, „државата треба да се грижи за најдобрите, да ги препознае и вреднува квалитетите, за меѓу другото да го намали и одливот на мозоци“. Во тој контекст, таа додаде дека несомнено се потребни реформи во образовниот систем, како и адаптирани програми, соодветни на талентите на децата.
Охрабрувајќи ги младите да продолжат да ги надоградуваат своите знаење и вештини, претседателката истакна дека токму тие се нашите амбасадори и промотори и изрази уверување дека дел од нивните идеи во иднина ќе бидат успешно реализирани.
За време на посетата, таа ја посочи и важноста, што покрај образовна компонента, кампот им овозможува на учесниците подобро да ја запознаат татковината да ги истражат природните убавини, културното наследство и македонската традиција.
Во годинашното издание на Кампот учествуваат 21 учесник, ученици од 11 до 15 години од земјава и од македонската дијаспора, кои се обучуваат за воведно програмирање и роботика согласно светските стандарди и знаења од меѓународно лиценцираната платформа „Млади инженери“ и преку примена на интердисциплинарен пристап во науката, технологијата, инженерството и математиката (СТЕМ), со употреба на лего-коцки. аб/цр
Фото: Кабинет на Претседател