• сабота, 29 јуни 2024

Претседателите на Кина и Финска разговараа за гасоводот за чија штета се обвинува кинески брод

Претседателите на Кина и Финска разговараа за гасоводот за чија штета се обвинува кинески брод

Хелсинки, 11 јануари 2024 (МИА) - Финска и Кина водат „конструктивен дијалог“ за подводниот гасовод во Балтичкото Море, за чија штета беше обвинет кинески брод минатата година, соопштија денеска кинескиот претседател Си Џинпинг и неговиот фински колега Саули Ниинисто за време на видео средба. 

„Двајцата претседатели имаа конструктивен дијалог во врска со случајот со гасоводот Балтиконектор“, се наведува во соопштението на финското претседателство.

Финската полиција го припишува истекувањето од тој гасовод, што доведе до негово затворање на 8 октомври, на фрлање сидро од кинески товарен брод.

Но, во официјалниот кинески извештај за разговорот не се споменува гасоводот што ја поврзува Финска со Естонија под Балтичкото Море.

На крајот на октомври, полицијата на таа нордиска земја соопшти дека истражува брод под знамето на Хонг Конг чие движење се совпаднало „со времето и местото каде што бил оштетен гасоводот“.

„Ние соработуваме со Кина за да ја одредиме улогата на овој кинески брод што беше во зоната на инцидентот“, рече тогаш премиерот Петер Орпо.

Финскиот претседател, чија земја се приклучи на НАТО алијансата во април, разговараше и за војната во Украина со Си Џинпинг и ја подвлече „улогата на Кина во постигнувањето праведен и траен мир“.

Кинеската страна рече дека „цврсто води независна надворешна политика за мир“, се вели во извештајот објавен од државната СиСиТВ. паг/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан