• недела, 30 јуни 2024

Презентиран проектот Процената за безбедноста на децата онлајн за Северна Македонија

Презентиран проектот Процената за безбедноста на децата онлајн за Северна Македонија
Скопје, 11 јули 2022 (МИА) - Во Клубот на пратениците денеска се одржа презентација на Процената за безбедноста на децата онлајн за Северна Македонија, подготвена од Меѓународната телекомуникациска унија (ITU), врз основа на ставови и искуства на деца и родители. На презентацијата присуствуваше министерот за образование и наука, Јетон Шаќири кој во своето обраќање истакна дека масовната онлајн изложеност на кревките личности, покрај сите придобивки, носи можности и за злоупотреби, закани, насилство и експлоатација, што го потврдуваат познатите случаи за кои јавноста дозна. Но и бројни, за кои само децата и нивните семејства знаат. Затоа, тој порача дека е од голема важност системски и организирано да се заштитат младите од демнечките онлајн ризици и закани. - Децата немаат заштитен ѕид, firewall, за онлајн ризици и закани. Него мора да го изградиме ние како заедница, како системски одговор, нагласи министерот, додавајќи дека вакви сложени предизвици бараат ангажман од целото општество, вклучување како на владиниот така и на граѓанскиот сектор, на бизнис заедницата, медиумите и на сите граѓани. Нема временски рамки, потребно е постојано внимание и подигнување на свесноста за онлајн заканите, насилството преку интернет, сајбер насилството и дигиталното вознемирување. Согласно новата Концепција за основно образование, дигиталната технологија од МОН велат дека мора да се применува на начин кој им е од непосредна корист и поволност на учениците. Дигиталната писменост е еден од националните стандарди за основното образование, што значи дека учениците стекнуваат знаења, вештини и ставови што им овозможуваат отвореност и познавање на можностите, но и замките на информациските и комуникациските технологии и на нивно креативно, критичко и одговорно користење за учење, за работа и за други лични и општествени активности во текот на образованието и во иднина. - Дигиталната писменост ја вградуваме во наставните планови преку вклучување во повеќето задолжителни и некои изборни наставни предмети како и со вклучување во воннаставните активности. Целта е учениците да умеат да ги користат информатичко комуникациските технологии за да дојдат до информации, да можат умешно и ефективно да ги користат дигиталните алатки за решавање проблеми, споделување идеи, комуникација и соработка во училиштето и надвор од него. И што е најважно, сето тоа да го прават заштитувајќи се себе си, преку етичко и безбедно користење на дигитална технологија, порача министерот за образование и наука. Процената за заштита на децата на интернет за Северна Македонија е изработена во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација. ки/дма/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан