• вторник, 12 ноември 2024

Презентирани проектите за подобрување на здравствените услуги во Охрид спроведени со поддршка на Швајцарската амбасада

Презентирани проектите за подобрување на здравствените услуги во Охрид спроведени со поддршка на Швајцарската амбасада

 

Охрид, 9 октомври 2024 (МИА) – Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска беше во работна посета на Охрид, на презентација на инфраструктурните зафати спроведени во здравствените установи „Свети Еразмо“ и „Свети Стефан“ и набавената опрема, реализирани во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ преку Министерството за локална самоуправа со поддршка на Владата на Швајцарија.

Станува збор за инфраструктурни зафати за опремување на центарот за физикална терапија во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ и реконструкцијата на објектот на Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“.

Министерот Перински рече дека со денеска презентираните проекти се потврда на добрата соработка со Владата на Швајцарија, насочена кон подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, а имаат и социјален аспект.

- Инвестицијата во болницата „Свети Еразмо“ е во набавка на опрема за подобрување на рехабилитацискиот дел, со опрема за хидромасажа и физикална терапија. Со тоа се подобруваат услугите во болницата, секако надоградени со квалитетот на услугите на персоналот на болницата. Во болницата „Свети Стефан“ набавен е и ехо-апарат, со што и тоа како ги подобрува капацитетите за третман на пациентите и нивото на квалитетот на услугата што ја добиваат потенцијалните пациенти во установата, рече тој.

Дел од активностите спроведени со проектот се и во насока на развој на здравствениот туризам, оттаму што се работи за установи што важат за подобрите во Југозападниот регион.

- Овие два центри се битни и за целата држава, па и пошироко затоа што даваат квалитетни и издржани услуги, што секако може да придонесе во развој на здравствениот туризам, рече Перински.

Амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман, истакна дека интенција на швајцарската Влада е преку поддршка на издржани проекти предложени непосредно од регионите и локалните самоуправи да се придонесе за подобар квалитет во живееењето на граѓаните.

- Овие проекти се реализирани на начин што се интервенира во активности посочени како најнеопходни токму од граѓаните преку градоначалниците и локалните власти...Тука би сакала да ги посочам и активностите спровредени во насока на подобрување на енергетската ефикасност на објектите што на долг рок секако ќе значи намалување на трошоците и за поодбрување на услугите што ги нудат, рече Улман.

Директорот на болницата „Свети Еразмо“, Харалампие Шокароски, ја посочи важноста од инвестиции во специфични сегменти на здравствените услуги, во процесот на рехабилитација на пациентите во постоперативниот третман.

- Особено е важно тоа за пациентите оперирани со ендопротези, фрактури, спортски повреди, мега реахбилитација на пациенти со детска парализа...Со подобрување на услугите и проширување на капацитетите ќе бидеме конкуретни не само за пациентите од регионот туку и пошироко. Имаме доста пациенти кои ги третираме во летниот период  и тие се мошне задоволни од добиените услуги, рече тој.

Билјана Теговска, директорката на Кардиолошкиот завод „Свети Стефан“ од своја страна истакна дека спроведените реконструктиви градежни зафати на објектот на установата овозможуваат Одделот за рехабилитација на пациенти да биде функционален во текот на целата година.

- По однос новата опрема, овозможена е побрза и поквалитетна ехо-дијагностика, зголемување на бројот прегледани пациенти и воведување нови дијагностички процедури. Благодарение пак на обезбедениот интегративен софтвер, олеснети се административните процедури, немаме проблеми со закажување термини и следење на историјата на пациентите. Сето тоа значи подобра грижа за пациентите и квалитетна медицинска здравствена услуга, рече таа. аб/цр

фото: МИА

 

Остани поврзан