• сабота, 23 ноември 2024

Предлог одлуката за прераспределба на Буџетот пред Комисијата за финансирање и буџет

Предлог одлуката за прераспределба на Буџетот пред Комисијата за финансирање и буџет

Скопје, 26 септември 2023 (МИА) -  Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска треба да расправа за Предлог одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите. Комисијата за финансирање на одделна седница ќе дебатира и за Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година, по скратена постапка.

Зголемување на ставката плати во јавниот сектор за 4,25 милијарди денари, дополнителни 3,5 милијарди денари за раст на пензиите, дополнителни 800 милиони денари за земјоделски субвенциии, дополнителни средства за здравството и образованието, се само дел од проекциите предвидени со Одлуката за прераспределба на годинашниот Буџет што ја донесе Владата на седница на 7 септември годинава.

- Прилагодувањата се направени преку реалокација на средствата од позиции каде има послаба динамика и каде процесите дозволуваат да се направат прераспределби, кон позиции каде преземавме обврски - како покачување на платите во јавниот сектор и исплата на К-15, ново покачување на пензиите за пензионерите, повеќе средства за социјална помош, за набавка на лекови, за субвенции за земјоделците, како и за деветиот пакет на антикризни мерки кој Владата наскоро ќе го објави. Направени се прилагодувања кај некои од капиталните проекти согласно тоа што го дозволува динамиката на нивната реализација, при тоа напоменувам дека не се отфрла ниту еден капитален проект, како и дека капиталните расходи остануваат на повисоко ниво од буџетскиот дефицит, односно согласно златното правило во финансиите - да се позајмува само за инвестиции и развојни цели, информираше министерот за финансии Фатмир Бесими по владината седница.

Ставката плати во јавниот сектор се зголемува за 4,25 милијарди денари и тоа околу три милијарди денари за зголемување на платите за 10 отсто од месец септември 2023 година и исплата на регрес за годишен одмор во висина од 10 000 денари во нето-износ, согласно одредбите од Општиот колективен договор. Од овој износ, околу 1,4 милијарди денари се за 50 000 вработените на централно ниво и фондовите, 1,1 милијарда денари се за 36 000 вработените на локално ниво и 500 милиони денари се за 20 000 вработените во здравствените установи. Односно, вкупно за 106 000 вработени во јавниот сектор. Гледано во структура, околу 1,8 милијарди денари се за зголемување на платите за исплата на преостанатите плати годинава, додека околу 1,2 милијарди денари се за исплата на регрес за годишен одмор. За покачувањата на платите на 1.000 функционери, односно 450 судии, 150 обвинители, 120 пратеници, 50 правобранители, владини функционери-министри, директори, предвидени се 720 милиони денари. За усогласување на платите со порастот на минималната плата во текот на 2023 година предвидени се 480 милиони денари.

Се обезбедуваат  и дополнителни 3,5 милијарди денари за 336 илјади пензионери за пораст на пензиите за околу шест отсто, почнувајќи од септември годинава.

Се дообезбедуваат и 600 милиони денари за редовно сервисирање на обврските кон вториот пензиски столб. Притоа, за исплата на социјалните права за 36.000 корисници на гарантиран месечен приход планирани се дополнителни 600 милиони денари, а ова зголемување, според Бесими, се должи по основ на повисока реализација заклучно со август.  Кај земјоделски субвенции алоцирани се дополнителни 800 милиони денари наменети за субвенциии за млеко, сточарско производство, дел и авансно финансирање на земјоделците за растително и сточарско производство. Исто така за Агенција за хана и ветеринарство за справување со африканска чума на фарма АГРИЈА на 9 151 грла планирани се неопходните 110 милиони денари.

Според Бесими, иако категоријата Стоки и услуги се намалува како удел во буџетот во 2023 година во споредба со минатата (од 8 на 7,3 проценти), обезбедени се дополнителни средства за здравството и образованието.

-За набавка на лекот Трикафта за 55 пациенти во износ од 100 милиони денари, за дигитални сензори за мерење на шеќерна болест 20 милиони денари, за дополнителни средства за редовно сервисирање на породилните боледувања 200 милиони денари, како и за превод и печатење и откуп на учебници за основно и средно образование дополнителни 166 милиони денари, соопшти Бесими.

Планирани се и дополнителни 290 милиони денари за 29 000 корисници на студентски оброк, за 6 900 стипендисти студенти и за 9 600 ученици стипендисти.

Со прераспределбата, за исплата за трет квартал од Мој ДДВ се планирани дополнителни 650 милиони денари, поради покачувањето на лимитот за поврат. Направени се и дополнителни алокации за државна помош за компании во износ од 1,081 милијарди денари, и тоа за странски компани 581 милион денари, за домашни компани 200 милиони денари и за ТИРЗ 300 милиони денари.лв/вг/

-

Остани поврзан