• петок, 22 ноември 2024

Предавање и работилница во МСУ со уметниците Дан и Лиа Пержовски

Предавање и работилница во МСУ со уметниците Дан и Лиа Пержовски

Скопје, 5 април 2023 (МИА) - Уметничкиот тандем Дан и Лиа Пержовски, кој преку цртежи ги потполнува ѕидовите на МоМА Њујорк, Тејт Модерн во Лондон, Центарот Помпиду-Бобур во Париз, ВанАбе Музејот во Ајндховен, првпат доаѓа во Музејот на современата уметност – Скопје.

Дан и Лиа Пержовски ќе одржат предавање во МСУ насловено „Постојано репозиционирање, помеѓу локалното и глобалното“.

Влезот е слободен, а предавањето се реализира во рамки на Интердисциплинарната програма на МСУ - Скопје.

На 6 април Дан и Лиа Пержовски ќе одржат и работилница на тема „Цртање, разговарање и споделување“.

Ден Пержовски е светски познат автор кој го користи цртежот преку бројни форми, цртежи на ѕид, цртачки перформанси, активистички цртеж, уметнички книги, проекти изведени во јавен простор, печатење и независно издаваштво. Пержовски преку своите цртежи, ја адресира важноста на бројни општествени теми, како што се актуелните воени, финансиски и мигрантски кризи, проблемите поврзани со комуникацијата денес, политичките уредувања, како и прашања поврзани со современата уметност.

Дан најчесто ги создава своите цртежи во светски познатите музејски простори, како оние во Музејот на модерна уметност во Њујорк, каде што ги создаваше пред очите на посетителите.

Пержовски има реализирано бројни самостојни изложби во МоМА Њујорк, Тејт Модерн во Лондон, ВанАбе Музејот во Ајндховен, МАКРО во Рим, Киазма Хелсинки и Лудвиг Музејот во Келн. Учествува на бројни престижни групни изложби и манифестации, како Документа 15, Биеналето во Венеција, Биеналата во Истанбул, Лион, Џакарта, Сао Пауло и Сиднеј. Од 2010 година, Пержовски го продуцира цртачкиот проект во јавен простор насловен „Хоризонтален весник“, во Сибиу Романија.

Лиа Пержовски е истражувачка, уредничка и концептуална уметница. Таа е основач на неколку платформи и институции како „CCA“ - архивата за современа уметност Букурешт и „КМ“ - Музејот на знаењето, како и „TSK“ – Телескопскиот простор на знаењето. Лиа Пержовски има реализирано самостојни изложби во Нашер музејот во Далас, Галеријата Иван во Букурешт, Музејот ESPAI Castellon во Шпанија, како и редица групни изложби, меѓу кои во Центарот Помпиду-Бобур во Париз, Тејт Модерн Лондон, МАКБА Барселона и Биеналата во Сао Пауло и Сиднеј. свс/сп/

Фото: МСУ

Остани поврзан