• петок, 27 декември 2024

Прв концерт на новото Културно-уметничко друштво „Шара“ од Тетово 

Прв концерт на новото Културно-уметничко друштво „Шара“ од Тетово 

Тетово, 1 декември 2024 (МИА) - „Чекор по чекор“  беше насловен првиот годишен концерт на новото Културно-уметничкото друштво „Шара“ од Тетово, формирано пред една година. Концертот се одржа вчеравечер во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок" во Тетово. 

- Токму од оваа сцена, од градот со распеана калдрма, продолжуваме да пренесуваме позитивна енергија во секојдневното живеење, јасно прикажувајќи го битот на македонскиот народ, играта и песната. Фолклорната игра не може да се прераскажува, таа мора да се доживее. Културата и фолклорот како живо сведоштво за времето, претставува мост помеѓу минатото и она што нè очекува. Кога ќе погледнеме кон нашите носии ќе видиме вистинска уметност која раскажува приказни, а секое парче е посебна симболика поврзана со регионот, со луѓето и животот. Вечерашните настапи ја отсликуваат душата на народот и вековното искуство, истакна Нада Симовска, претседателка на КУД „Шара“ од Тетово.

Концертот започна со „Распукала Шар Планина“ изведена заедно со Детскиот хор „Крешендо“ од Тетово и Летечка театарска трупа. Потоа следеше композицијата „Рум дум дум“ на која настапија најмалата група играорци на друштвото. Публиката можеше да ги проследи и „Раштаг“, „Копачија“, „Пијанец“, „Копачка“ како и спет ора од Егејска Македонија, од поискусните играорци. 

- Во Тетово имало различни културно-уметнички друштва, хорови, хуманитарни друштва, кои го држеле животот во Тетово активен, културен и жив. И покрај маката и тагата, на човекот навистина се пеело и играло, затоа што животот треба да се слави. Маката ги натерала на многу песни љубовни, социјални и патриотски, рече Симовска.

Во јули оваа година, КУД „Шара“ организираше работилница со деца со посебни потреби со кои се подготвуваше модна ревија, а модели беа членовите на друштвото под мотото „Јас креирам“. 

- Не смееме да заборавиме да подадеме рака, да помогнеме, како во орото каде што се спојуваат нашите раце, каде што секој е прифатен и добредојден. Орото е пример како треба да се продолжи со една позитивна мисла. Испраќаме порака за заедништво и сплотеност за да можеме сите заедно да чекориме напред, порачаа од КУД „Шара.

Гости на концертот беа тетовското трио „Шербет“, Лени Партикова, Детскиот хор „Крешендо“,  Летечка театрсака трупа,  Раде Младеновски, Зурли и тапани „Мерак“, КУД „Коло“ – Мелници од Војводина, ФУ „Перлас-Перлес“ од Војводина. Иако постојат само една година, од КУД „Шара“ може да се пофалат со значајни настапи дома и во странство. ас/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан