• петок, 28 јуни 2024

Директорката на Музејот на современа уметност се повлекува од функцијата

Директорката на Музејот на современа уметност се повлекува од функцијата

Скопје, 18 октомври 2023 (МИА) - Директорката на Музејот на современа уметност - Скопје, Мира Гаќина по шест години се повлекува од функцијата директор. 

Од Музејот на современа уметност денеска информираа дека Гаќина се повлекува од лични причини. 

-Веројатно многу скопјани, како и јас, биле, и уште се фасцинирани од објектот на МСУ, кој спокојно го набљудува Градот, без да се наметнува. Но, каква е вистинската вредност на неговата колекција, а особено на неговиот концепт, како музеј инициран и остварен од страна на уметниците осознав со време, преку моите студии и споредби со други светски музеи. Стремежот да се демонстрира севкупниот потенцијал на МСУ како релевантна институција во полето на современата уметност и култура, беше причината поради која ја прифатив оваа многу одговорна позиција во 2017 година. Водена од сознанието за колективниот ентузијазам во сите нас, за повторно заживување на пионерските идеали на солидарност втемелени во самата идејата на оваа по многу нешта единствена институција кај нас и пошироко, вели Гаќина.

Нагласува дека и покрај нејзиното повлекување, ќе остане мотивирана да учествува во натамошниот развој на институцијата.

Еден од последните големи меѓународни проекти, што e во тек е изложбата „Ниедно чувство не е конечно: Колекција на солидарноста, МСУ Скопје“ во Кунстхале во Виена. Станува збор за изложба којашто го реафирмира основниот карактер на МСУ, како музеј на интернационалната солидарност. Изложбата идната година ќе патува во Прага, а во тек се контакти и со други музеи за проширување на димензиите на овој проект. љм/бак/

Фото: Музеј на современа уметност

Остани поврзан