Прва тркалезна маса на Министерството за правда за измени на Законот за Судскиот совет
- Министерството за правда на Република Северна Македонија денеска со почеток од 10 часот во Клуб на пратеници во Скопје организира тркалезна маса за потребата од измени и дополнувања на Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија.
Скопје, 15 ноември 2024 (МИА) - Министерството за правда на Република Северна Македонија денеска организира тркалезна маса за потребата од измени и дополнувања на Законот за Судскиот совет. Настанот, кој се одржува во Клубот на пратеници во Скопје со почеток во 10 часот, е дел од најавените реформи во правосудството на новата Влада.
Министерот за правда, Игор Филков, вчера истакна дека измените во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители се клучни за напредокот кон ЕУ.
- Почнуваме со стручните дебати за нацрт измените и дополнувањата на Законот за судскиот совет подготвен од страна на работната група, формирана од страна на Министерството за правда. Ова ќе биде еден од неколкуте настани кои што ќе следат периодов. Планирано е некаде до крајот на декември да го завршиме процесот, што значи дека ќе имаме една дебата неделно. Очекувањата се големи. Заклучоците и препораките од тркалезната маса ќе бидат основа за понатамошно подобрување на текстот на измените и дополнувањата на законот за судскиот совет, рече министерот Филков на вчерашната дебата „Платформа: 100% посветени за тебе“ на тема „Фокус на правдата, безбедноста и одбраната“.
Во однос на најавените консултации за реформи на Судскиот и Јавно обвинителскиот совет, од Владата за МИА претходно посочија дека реформите вo правосудниот систем од предизборно ветување станаа дел од владината програма 2024-2028 година, конкретно во глава II-Фонд против корупција.
- Владата се залага за системски решенија, за трансформирање на правосудните органи во вистински, транспарентни, одговорни и ефикасни институции. Сериозно сме посветени и остануваме на идејата за носење на решенија кои ќе бидат темел на едно нормално демократско општествено. Со цел донесување на одржливо решение повикавме на расправа и побаравме инклузивност, за што до денес немаме таква состојба на повидок. Па оттука сосема логично е прашањето дали од распуштањето на овие институции има многумина загрижени субјекти? Важно е да се знае дека доаѓа време на промени и шанса за професионалните и способни кадри, посочија од Канцеларијата на портпаролот на Владата.
Воведни обраќања на денешниот настан ќе има министерот за правда, Игор Филков и Диетер Шиндлауер, раководител на тим на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“.
Потоа, академик Владо Камбовски ќе одржи презентација на процесот на изработка на нацрт измените и дополнувањата на Законот за судски совет, по што ќе следува дискусија.
На дневниот ред од настанот се и дискусии за услови и постапка за избор на членовите на Судскиот совет, мандат и одговорност на членовите на Судскиот совет, постапка за утврдување дисциплинска одговорност на судија вклучувајќи и постапка по жалба и останати проблеми и предизвици кои треба да се адресираат во Законот за судскиот совет.
Целта на настанот е поттикнување стручна расправа за содржината на нацрт измените и дополнувањата на Законот за Судскиот совет на Република Македонија, подготвени од страна на работна група во рамки на Министерството за правда.
Тркалезната маса е првата од неколкуте настани за консултирање на стручната јавност кои Министерството за правда планира да ги организира со цел да се обезбеди транспарентен и инклузивен процес кој ќе придонесе кон унапредување на законската рамка која го уредува работењето на Судскиот совет.
Заклучоците и препораките од тркалезната маса ќе бидат основа за понатамошно подобрување на текстот на измените и дополнувањата на Законот за судскиот совет.
Настанот, како што информираат од МП, е во соработка и со поддршка од проектот ,,Поддршка на ЕУ за владеење на правото“. ар/аа/
Фото: МИА архива