• петок, 22 ноември 2024

Пратениците Каевски, Билали - Зендели и Николоски ќе учествуваат на редовната сесија на ПССЕ

Пратениците Каевски, Билали - Зендели и Николоски ќе учествуваат на редовната сесија на ПССЕ

Скопје, 24 април 2023 (МИА) - Пратениците Дарко Каевски, Арта Билали - Зендели и Александар Николоски од денеска до 27 април ќе учествуваат на вториот дел од редовната сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), што се одржува во Стразбур.

Политичките стратегии за спречување, подготовка и соочување со последиците од природните катастрофи, ќе бидат меѓу темите за кои ќе се дебатира на оваа пленарна сесија, соопшти собраниската прес-служба.

Побарана е итна дебата на тема „Ситуацијата на украинските цивили, вклучително и децата, насилно раселени или префрлени во Руската Федерација или украинските територии под де факто контрола на Руската Федерација“.

По разорните земјотреси во Турција и Сирија, Собранието ќе расправа за извештајот за политичките стратегии за спречување, подготовка и соочување со последиците од природните катастрофи.

Има и барање за актуелна дебата за 4. Самит на Советот на Европа „На патот кон Рејкјавик“, што ќе се одржи на 16 и 17 мај 2023 година во главниот град на Исланд. Сиофра Олеари, претседателка на Европскиот суд за човекови права, ќе има свое обраќање во текот на дебатата по ова прашање.

Свое обраќање пред пратениците ќе има и исландскиот претседател, Гудни Т. Јоханесон, а исландската министерка за надворешни работи, Тордис Колбрун Рејкфјорд Гилфадотир, ќе ја претстави Комуникацијата од Комитетот на министри, со кој Исланд моментно претседава.

Комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, ќе го претстави својот годишен извештај за активностите за 2022 година, додека генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ-Буриќ, како што е вообичаено, ќе одговара на прашања на членовите.

Други теми за кои ќе се разговара се имплементацијата на пресудите на Европскиот суд за човекови права, Европската конвенција за човекови права и националните устави, младите и медиумите, како и заштитата на демократијата, правата и животната средина во меѓународната трговија.

Собранието, исто така, ќе го оцени функционирањето на својот статус, партнерство за демократија и ќе го разгледа почитувањето на обврските за членство во Советот на Европа од страна на Сан Марино, се наведува во соопштението од Собранието. 

Поради тековното реновирање на салата за одржување на пленарните сесии во зградата на ПССЕ, оваа пролетна пленарна сесија ќе се одржи во здрадата на Европскиот парламент. ев/цр

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан