• четврток, 12 декември 2024

Пратеникот Ристески на седница на Постојаниот комитет на ПС на ПСЈИЕ во Тирана

Пратеникот Ристески на седница на Постојаниот комитет на ПС на ПСЈИЕ во Тирана

11 декември 2024

Пратеникот Петар Ристески, член на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС на ПСЈИЕ), учествува на Седницата на Постојаниот комитет на ПС на ПСЈИЕ, што се одржува на 10 и 11 декември 2024 година во Тирана, во рамките на Албанското претседателство со ПСЈИЕ.

Седницата ја отвори Едуард Шалси, пратеник од Албанија и претседавач со Постојаниот комитет. Тој оцени дека ПС на ПСЈИЕ е водечка парламентарна организација во регионот, што претставува вистинска платформа за справување со предизвиците со кои се соочува Југоисточна Европа. Албанското парламентарно претседателство со Процесот ќе се фокусира на интензивирање на парламентарниот дијалог и унапредувањето на соработката во регионот, особено во врска со подобрувањето на меѓусебната поврзаност.

Приоритетите на Албанското претседателство со ПСЈИЕ пред пратениците ги презентираше Игли Хасани, министер за Европа и надворешни работи на Албанија. Тој нагласи дека ПСЈИЕ е најважниот политички форум во Југоисточна Европа кој вклучува земји од стратешко значење за Албанија. Претседателството се одвива под мотото „Обликување на нашата европска иднина“, со шест главни приоритети: европска интеграција, безбедносна соработка, раст на економијата, туризам и култура, меѓусебна поврзаност и транспорт и соработка во здравството. Хасани изрази уверување дека Албанското претседавање со ПСЈИЕ уште еднаш ќе ја потврди активната улога на Албанија во оваа иницијатива, но и пошироко од регионот, со цел за продолжување на соработката за мир, стабилност, безбедност, како и економски, политички и социјален развој на сите земји од регионот.

Главна тема за дискусија на седницата е „Парламентарна соработка за зајакнување на регионалната меѓусебна поврзаност и олеснување на границите во Југоисточна Европа“

Во дискусијата учествуваше пратеникот Петар Ристески, кој оцени дека ПСЈИЕ има клучна улога во поттикнувањето на регионалната соработка, зајакнувањето на политичкиот дијалог и унапредувањето на економските односи во Југоисточна Европа. Тој нагласи дека е потребно да се стави приоритет на инфраструктурните проекти во регионот, да се инвестира во дигиталните технологии кои ја олеснуваат прекуграничната комуникација и да се спроведат реформи за управување со границите. Според Ристески, овие проекти нема да бидат успешни без активно учество на сите засегнати страни: владите, бизнисите, граѓанското општество и парламентарците. Членовите на Парламентарното собрание на ПСЈИЕ можат да изградат политичка волја, која е неопходна за надминување на пречките за меѓусебната поврзаност, преку постојан дијалог и парламентарни иницијативи.

Ристески нагласи дека нашата земја е силен поддржувач на регионалната соработка во областа на меѓусебното поврзување и управувањето со границите. Еден од столбовите за регионално меѓусебно поврзување е подобрувањето на транспортната инфраструктура и силно се залагаме за инфраструктурни проекти, како што се изградбата на автопати, железнички линии и мрежи за пренос на енергија кои нè поврзуваат со нашите соседи. Во последниве години, презедовме значајни чекори за усогласување на нашите политики со стандардите на ЕУ и потпишавме билатерални договори со некои од нашите соседни земји за модернизирање на граничните премини, елиминирање на непотребните бирократски процедури и поттикнување на поголема поврзаност. Македонското

собрание одигра клучна улога во овој процес, со усвојување на потребното законодавство и со поддршка на реформите за подобрување на економскиот и политичкиот пејзаж.

Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, во кое членуваат парламентите на земјите на Југоисточна Европа: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Молдавија, Романија, Северна Македонија, Словенија, Србија, Турција, Хрватска и Црна Гора своите цели и задачи ги базира на принципите на регионална сопственост и европска интеграција. Парламентарното собрание игра значајна улога во промовирањето на парламентарното учество и олеснувањето на интерпарламентарниот дијалог и соработка во регионот, како и во поттикнувањето на процесот на интеграција во Европската унија.

Собрание на РСМ

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан