• сабота, 28 декември 2024

Практична настава за студенти во првиот сензорен центар во градинката „Росица“ – објект Пампурче во општина Ѓорче Петров

Практична настава за студенти во првиот сензорен центар во градинката „Росица“ – објект Пампурче во општина Ѓорче Петров

Скопје, 26 ноември 2024 (МИА) - Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, заедно со стручни лица од повеќе области, денеска во градинката „Росица“ – објект Пампурче го посетија првиот сензорен центар во Македонија, кој беше отворен пред само неколку месеци и веќе бележи значајни успеси во своето работење.

Овој сензорен центар, како што се наведува во соопштението од Општина Ѓорче Петров, кој е прв од ваков вид во земјата, служи како практична база за студентите од 3 и 4 година на Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет. Под менторство на проф. д-р Оливера Рашиќ Цаневска, студентите секој вторник работат директно со дечињата со пречки во развојот, помагајќи во нивната рехабилитација и интеграција во образовниот процес.

Преку оваа програма, децата добиваат континуирана поддршка, а резултатите се веќе видливи – подобрувања во состојбата и напредок кај децата кои ја користат услугата на центарот.

Градоначалникот Стојкоски изразил задоволство од успешната реализација на овој проект, истакнувајќи ја важноста на ваквите иницијативи за унапредување на образованието и грижата за најмладите.

-Сензорниот центар претставува пример за нашата посветеност кон создавање подобри услови за развој на децата со специфични потреби. Продолжуваме со планови за отворање на вакви капацитети и во други објекти во иднина, изјавил Стојкоски.

Во соопштението се наведува дека Општина Ѓорче Петров е лидер во создавање иновативни решенија за најмладите, вложувајќи во подобрување на условите во градинките и поддршка за родителите и наставниот кадар. Сензорниот центар е доказ за оваа посветеност и претставува голем чекор напред кон обезбедување квалитетна грижа и едукација за сите деца.

-Овој проект е симбол на грижата за иднината на најмладите жители и пример како заедницата може да се обедини за доброто на сите, велат од Општина Ѓорче Петров. дма/сст/

Фото: Општина Ѓорче Петров

Остани поврзан