• петок, 17 мај 2024

Празнична посета и дарување во Бигорскиот Манастир во организација на Министерството за труд и социјална политика

Празнична посета и дарување во Бигорскиот Манастир во организација на Министерството за труд и социјална политика

Дебар, 28 декември 2023 (МИА) - Во овој претпразничен период на Рождеството Христово и на претстојното ново 2024 господово лето, вчера во посета на Свештената Бигорска Обител престојуваше министерката за труд и социјална политика Јованкa Тренчевска, со свои соработници.

Исто така, во организација на Министерството, заедно со нив во посета на манастирот беа и триесетина деца од двете јавни установи, детските домови „11 Октомври“ и „25 Мај“, заедно со директорките, воспитувачите и социјалните работници.

-Во рамки на својата работна посета, министерката Тренчевска оствари средба со нашиот Старец и игумен на Манастирот, епископот Антаниски г. Партениј, кој им посака топло добредојде и на децата и на возрасните. Тој ѝ се заблагодари на министерката за укажаната грижа, труд и помош кон децата без родители и родителска грижа, како и кон понеимотни семејства од нашиот рекански крај. Од своја страна, и министерката му се заблагодари на Старецот за срдечниот прием и за соработката, како и за неговата непрестајна и несебична грижа за семејства и лица од социјално ранливи категории, информираа од Бигорскиот манастир.

Додаваат дека при оваа посета биле распределени пакети со прехранбени намирници на петнаесетина социјално загрозени семејства, во пресрет на претстојните празници, при што членовите од овие семејства и жители на овој крај имале можност да поразговараат со министерката, да ги споделат своите проблеми и да побараат помош од страна на Министерството.

-Во продолжение следуваше едукативниот дел со децата од детските домови, коишто имаа можност да се запознаат со историјата на Бигорски, со неговиот живот и мисија, како и да поразговараат со монасите за прашања што ги интересираат. Со благослов на Преосветениот епископ г. Партениј, манастирот имаше подготвено пригодни подароци за сите нив, а министерката Јованка Тренчевска им додели новогодишни пакетчиња и ги однесе на ручек во етно-ресторанот „Куќата на Мијаците“, нагласуваат од манастрот.

За посетата објава на Фесбук има и министерката Тренчевска.

-Во посета на Бигорски манастир се сретнав со Бигорскиот старец епископот Партениј. Овој манастир е богатство на нашата држава повеќе од 1000 години. Монасите во овој манастир се познати по нивната хуманост и помагањето на луѓето. Затоа во манастирот поделивме пакети со храна на семејства од регионот со поддршката на фондација „ЗАЕВ“. Хуманоста и емпатијата се познава само на дело, напиша Тренчевска. вт/сст/

Фото: Бигорски манастир

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан