• четврток, 12 декември 2024

ПП Левица: Ќе го поништи ли Уставниот суд преименувањето на улицата „Втора македонска бригада" во „Адем Демачи" 

ПП Левица: Ќе го поништи ли Уставниот суд преименувањето на улицата „Втора македонска бригада

Скопје, 11 декември 2024

 

Уставниот суд денес ќе одлучува и по уште една Иницијатива поднесена од Левица со која оспоривме делови од Одлуката за определување и промена на имиња на улици и плоштади на подрачјето на Град Скопје, донесена од страна на Советот на Град Скопје во мандатот на Петре Шилегов.

Со оваа Одлука беа преименувани стотина улици во Скопје, меѓу кои  и улиците  „Втора македонска бригада“ која се преименуваше во „Адем Демачи“, улицата  „Лазо Москов“ во „Ернест Колиќи“, улицата  „Македонска Косовска Бригада“ во „Митхат Фрашери“ и улицата  „191“ во „Сул Хотла“.

Ако се земе предвид животното дело на овие личности по кои се преименувани улиците, јасно е дека станува збор за контроверзни личности кои немаат никаква историска нишка со македонскиот народ и македонската држава. Напротив, истите делувале против унитарноста, интегритетот и суверенитетот на македонската држава.

Согласно позитивните законски норми во Република Македонија, не може да се определи име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект со кое се нарушува угледот на Република Македонија, се навредуваат националните чувства на граѓаните на Република Македонија и на граѓаните на други држави или да се нарушуваат односите меѓу заедниците, обичаите и јавниот морал.

Со преименувањето на овие улици, по имиња на балисти и фашисти, директно се повредуваат чуствата на македонскиот народ и се предизвикува етничка и верска нетрпеливост. Поради тоа, сметаме дека Уставниот суд треба да постапи по Иницијативата на Левица и да ја поништи оспорената одлука!

Со почит, 
Сектор за медиуми и односи со јавност при ПП Левица 

Фото: МИА архива

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан