• понеделник, 23 декември 2024

По 22 години невидливост, Истрев стана видлив за општеството 

По 22 години невидливост, Истрев стана видлив за општеството 

Кавадарци, 23 ноември 2023 (МИА) - По 22 години невидливост, Истрев Вејселов стана видлив за општеството. Неодамна тој беше впишан во редовната книга на родени во државата и доби матичен број и извод на родени. МИА го фотографираше по излегувањето од матично, ја споделивме радоста заедно и поразговаравме со него. Како повторно да се родив, коментираше тој со насмевка. 

- Најголем дел од луѓето, извод на родени, добиваат со раѓањето. Бев еден од таканаречените, лица фантоми. Поради тоа што бев невидлив, воопшто не одев во училиште. Немав можност да одам на училиште. Никогаш не одев во училиште. Не знам да читам и да пишувам. Малце нешто знам. Онака, да се потпишам, само тоа го знам. Друго ништо. Едноставно, како да лебдеев во меѓупросторот. Без извод на родени, не можеш да добиеш ниеден друг документ. Немам ни банкарска сметка во банка. Не сум бил во банка. Никаде не сум бил, кај ќе одам без документи. А за цело време посакував да имам документи. Тоа што најмногу ме болеше, не можев сопствените деца да си ги заверам дека се мои, дека јас сум им татко. Никаде не можев да се прошетам. Полиција не застанувале, прашувале, без документи каде одиш, што правиш, раскажа тој за својата животна судбина.

Сите овие години, не се надевал многу дека еден ден и тој ќе добие извод на родени. Мајка му четириесет години чекала документи, државјанство. Дури сега ги добила и таа. Немал многу надеж.

- Всушност, неколку членови од нашата фамилија за прв пат добивме матичен број. Сега конечно ќе можеме да бидеме здравствено осигурани, бидејќи досега ниту на лекар не можевме да одиме. А и кога одевме, си плаќавме на приватно, откри овој пријатен млад човек, кому проблемите, за среќа, не успеале да му ја украдат животната енергија. 

Сега, нагласи, со извод, многу работи може да си среди во животот и многу работи да си направи.

- Сега ќе си извадам и јас како другите и лична карта и пасош. Конечно ќе може да отидам надвор од Македонија, да видам како се живее надвор од границите на мојата земја. Ќе си ги однесам и јас малку децата да видат друг живот, како е, што е. Да го видиме светот, со многу надеж  за подобро утре во гласот, зборуваше младиот човек.

Сопругата му е од Радовиш. Работи со старо железо. Немаше одговор на нашето прашање, како би се потпишал, ако не знае да прочита на што се потпишува. 

- Се трудам, се мачам. Многу голема благодарност до Матичната служба Кавадарци. Се надевам, еве со помош на Сафет Темуровски, кој е наш Ромски претставник што се залага за правата на Ромите, дека ќе успеам вонредно да завршам образование и белким ќе најдам и подобра работа. Благодарни сме им многу, затоа што многу ни помогнаа во обезбедувањето на нашите документи, нешто што многу ни значи. Посакуваме да им се случуваат убави работи, рече Вејселов. 

Тринаесет цифри што живот значат 

Луѓето се качуваат на месечината, што се вели, а ние се уште се трудиме некои од припадниците на ромската заедница да ги добијат тие 13 цифри што живот значат. Со овие зборови, го започна разговорот со нас, Сафет Темуровски, кој веќе извесен период работи на полето на обезбедување на државјанства и особено, во последно време, за обезбедување на лична документација за лицата без лични документи, фантоми.

Ним, нагласи тој, најпрво им е неопходно да им се обезбеди, бидејќи немаат, обичен извод на родените. 

- Сите активности се преку невладината организација „Ромалитико", со претставништво во Неготино, а го покрива поширокиот регион од неколку општини.  Во изминатиот период се соочивме со лица со најразлични проблеми, лица „фантоми", невидливи за општеството. Успеваме, благодарение на соработката и поддршката од Министерството за труд и социјална политика,  службата за матична евиденција, Управа за матични книги, да бидат запишани во матичната книга на родени и да добијат матични броеви. Сега имаат право да поднесуваат барања и за државјанство, додаде Темуровски, кој, инаку, близу 25 години е активист во невладиниот сектор, за заштита на правата на Ромите и воопшто, за заштита на човековите права и почитување на различностите.

Рака на срце, додаде Темуровски, има и такви случаи, кои и покрај тоа што им биле понудени помош и поддршка, одбиле да се пријават, од незаинтересираност или од најразлични причини. 

- Има и деца родени во болница што не се запишани во матично. За жал, иако тие лесно можат да добијат документ од болница, но, ете,  немарност. Многу поголем е бројот на родени во домашни услови. А биле родени во домашни услови од различни причини. Едни родилки не се од страна на нивните  мажи или партнери носени во болница, поради постари сфаќања, или љубомора, во други случаеви можеби и мајката немала здравство, немала документи. Стравот од што се немаат документи, како и малолетничкиот срам, исто така си го прават своето, откри претставникот на Ромите. 

А имало и случаеви, кога, иако без документи, некои од овие лица имале среќа и дури и се школувале. 

Личности се, не се бројки 

Мапирале луѓе кои немаат извод, државјанство. Некои немале државјанства оти родителите им биле странски државјани. 

- Многу е тешко да си невидлив за општеството. Немаш документ, немаш доказ кој си ти всушност, ако било каде има потреба да се идентификуваш. Не можеш да се лекуваш. Мораш или со друга, туѓа здравствена книшка, или приватно, ако имаш пари, а најчесто немаш. Или ќе лежиш и ќе чекаш да ти помине. На приватно и на своја рака ќе купиш и земеш лекови, ако имаш пари,  може некогаш да ти влијаат и негативно  и ќе дојде до полоши ситуации. Или, ќе чекаш да ти помине. Се трудиме максимално како организација, сите колеги низ државата, ова да го смениме и вакви судбини да нема, подвлече Темуровски. 

Тој сподели и една трагична судбина на тиквешанка на која во најскоро време треба да и се помогне. 

- Станува збор за дваесет и седум години девојка со попреченост во рурална средина. Таа за жал се уште нема матичен лекар и не може да користи помош и поддршка од државата, за попреченост.  Со законските олеснувања засега доби идентификациски број и влегува само во системот за социјална помош. Но, не може да влезе во системот на здравство и за жал не може да има трансакциска сметка, појасни Темуровски, нагласувајќи дека се трудат да и помогнат. 

Помош и поддршка нудат и на сите други што имаат потреба од тоа. Овој активист изрази надеж дека нивниот број, на оние што немаат документи,  секојдневно ќе се намалува. Затоа што, како што нагласи, тие се личности, не бројки, заслужуваат достоинствен живот како другите. 

- Во овој проект финансиран од УСАИД, делувам во неколкуте општини од Тиквешкиот регион, но и во Гевгелија, Дојран, Градско, веќе две години.  Стекнувам нови пријатели насекаде. Инаку, вработен сум како информатор во Ромски информативен центар при меѓуопштински Центар за социјални работи Неготино, појасни тој. 

Притоа, додаде, за сите понатамошни предизвици со кои се соочуваат овие лица,  повторно се тука за да им помогнат.

- Може да се направи дооформување на образование, овие лица можеме да ги вклучиме во тој процес бидејќи сме во процес на мапирање на лица без образование. Продолжуваме со помошта и поддршката за овие лица. Да не останат само со извод на родени и патна исправа, дециден беше Темуровски за МИА. 


Светлана Дарудова 

Фото : МИА 

Остани поврзан