По низата реакции и осуда на недолично однесување кон новинарка, Пандели Мајко јавно се извини
- Поранешниот албански премиер и актуелен пратеник, социјалистот Пандели Мајко, пред почетокот на собраниската седница беше прашан од новинарите дали се чувствува загрозен што ќе се најде на отворената листа на кандидати за пратеници на претстојните избори, на што прво не сакаше да одговори, а на инсистирање на новинарите грубо ја турна новинарката Ексиола Шеху, која е во блажена состојба.
Тирана, 12 септември 2024 (МИА) – Поранешниот албански премиер и актуелен пратеник, социјалистот Пандели Мајко, пред почетокот на собраниската седница беше прашан од новинарите дали се чувствува загрозен што ќе се најде на отворената листа на кандидати за пратеници на претстојните избори, на што прво не сакаше да одговори, а на инсистирање на новинарите грубо ја турна новинарката Ексиола Шеху, која е во блажена состојба.
Како што јавија албанските медиуми, на ваквото „недолично однесување“ остро реагираа и го осудија новинарските асоциации, меѓу кои и Асоцијацијата на европски новинари, во Албанија, како и дел од политичките партии.
- Насилното туркање на новинарите кои етички и професионално побараа јавна реакција, е за осуда и чин на заплашување на медиумите. Бараме институционален одговор од претседателот на Собранието за заштита на правото на новинарите од однесувањето на пратениците кои ја поткопуваат работата и мисијата на медиумите, побараа новинарските здруженија.
По низата реакции, Мајко побара збор во Парламентот и јавно и се извини на Ексиола Шеху, новинарка на Евроњуз Албанија. вт/паг/