• понеделник, 23 декември 2024

Почнува осмиот фестивал „BookStar“, наградата годинава за нобеловката Светлана Алексиевич

Почнува осмиот фестивал „BookStar“, наградата годинава за нобеловката Светлана Алексиевич
Скопје, 3 октомври 2022 (МИА) - Под мотото „Храбри нови зборови“ / Brave new wor(l)ds“, од денеска до 5 октомври ќе се одржува осмиот Фестивал на европската литература „BookStar“, што го органзиира издавачката куќа „Антолог“. Оттаму најавија дека годинава ќе бидат претставени исклучителни европски и домашни автори, кои ќе учествуваат на десетина книжевни разговори, поткасти, работилница за раскажување приказни, читање, предавање. Само два настана ќе бидат онлајн, а сите останати автори ќе присуствуваат лично во Скопје. Наградата „BookStar 2022“ ја добива нобеловката Светлана Алексиевич, која ќе гостува онлајн на фестивалот на неговото затворање задутре. Ќе бидат доделени и наградата „BookStar“ за најактуелна книга меѓу две фестивалски изданија и нововостановената награда за најдобар превод - „Драги“, во чест на Драги Михајловски. Фестивалот вечер во 19:30 часот ќе го отвори поетот, есеист и преведувач Никола Маџиров со испраќање на својата книжевна порака до гостите. Потоа ќе продолжи со разговор со писателката Ирса Сигурдардотир, која ја нарекуваат „исландска кралица на трилерот“. Првиот фестивалски ден ќе се заокружи со разговорот „Нова бугарска книжевност“ помеѓу современите бугарски автори Оља Стојанова Џакова и Петар Денчев. Пред официјалното отворање, во 15 часот денеска во кино „Фросина“ ќе има  претфестивалски настан – видеоразговор со авторот Саша Станишиќ на тема „За потеклата и случајностите што (не) постојат“. Фестивалот утре и задутре ќе продолжи со програма и специјални настани (работилници, предавања, читања) и ќе заврши в среда  во 21 часот со свечена церемонија за наградата „BookStar“ 2022 за нобеловката Светлана Алексиевич за нејзината книга „Војната нема женско лице“. Видеоразговорот со авторката ќе водат Андреј Јованчевски, преведувач од руски јазик и професорката Лидија Танушевска. Странски учесници на осмиот фестивал  BookStar“ се: Ирса Сигурдардотир од Исланд, Петар Денчев и Оља Стојанова Џакова од Бугарија, Богдан-Александар Станеску од Романија, Кристина Гавран и Игор Штикс  од Хрватска, Даина Ополскаите од Литванија, Надја Теранова од Италија и Моника Компаникова од Словачка. Домашни учесници ќе бидат: Јордан Коцевски, Снежана Стојчевска, Билјана Црвенковска, Петар Андоновски, Елена Филиповска, Владимир Јанковски, Елизабета Баковска и Жарко Кујунџиски. За време на фестивалот, за посетителите во Младинскиот културен центар ќе се организира осмото издание на Саемот на европската литература на кој ќе бидат достапни книгите што ја добиле Наградата за литература на Европската Унија, други наслови од европска и македонска продукција, како и три изданија што излегуваат специјално за новото фестивалско издание – „W“ и „Сечилиште“ од Игор Штикс и „Штама“ од Ирса Сигурдардотир. хс/сп/

Остани поврзан