• сабота, 23 ноември 2024

Во Скопје се одржува 14. Балкански конгрес за хумана генетика и 9. Состанок за ретки болести на Југоисточна Европа

Во Скопје се одржува 14. Балкански конгрес за хумана генетика и 9. Состанок за ретки болести на Југоисточна Европа

Скопје, 5 октомври 2023 (МИА) - Во Скопје од денеска до сабота ќе се одржуваат 14. Балкански конгрес за хумана генетика и 9. Состанок за ретки болести на Југоисточна Европа, организирани од Македонското здружение за хумана генетика (МЗХГ) и Македонското здружение за ретки болести (МЗРБ), со поддршка од здруженијата на пациенти за ретки болести од земјава.

Конференцијата насловена „Генетски болести - од дијагностика до превенција и терапија“ е посветена на пациентите со наследни болести, а посебно на оние со ретки болести.

На конференцијата се очекува присуство на околу 200 научни и здравствени работници од земјава, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Романија, Словенија, Србија, Турција, Хрватска и од Црна Гора.

- Покрај поканетите предавачи од балканските земји, на настанот предавања ќе одржат и еминентни експерти од областа на хуманата генетика и ретките болести од Австрија, Белгија, Италија, Канада и од Холандија. Ќе бидат опфатени дијагностика, превенција и терапија на ретките болести, но и на комплексни болести, што се должат на генетски фактори. Целта на овој интердисциплинарен собир е да се споделат искуствата, новитетите и предизвиците помеѓу експерти генетичари, педијатри, невролози, кардиолози, хематолози, онколози, гинеколози и професионалци од многу други гранки на медицината, соопштуваат организаторите. бд/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан