• вторник, 22 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Почна седницата за избор на нова влада во Србија, експозе на мандатарот Ѓуро Мацут

Почна седницата за избор на нова влада во Србија, експозе на мандатарот Ѓуро Мацут

Белград, 15 април 2025 (МИА) - Посебната седница на Народното собрание на Србија на која ќе се разгледува изборот на новата Влада почна  по 10 часот, каде мандатарот Ѓуро Мацут ја презентира владината програма и составот на кабинетот што ќе го предводи, јави дописникот на МИА од Белград.

Во салата се присутни 173 пратеници од вкупно 250. Дел од опозицијата не присуствува на седницата за избор на новата влада на Србија - пратениците на коалицијата НАДА, Демократската партија и Еколошкото востание.

Во дел од експозето што се уште трае тој нагласи дека мора да се знае кој е ученик, кој студент, а кој професор.

„Србија е уморна од поделби, блокади. Институциите на системот мора да функционираат со полн капацитет и тоа е наша основна задача. Протестите и незадоволството се природна поделба на младите, но не и блокади, ускратување на правото на другите да работат и да живеат нормално. Кога ги ускратуваш правата на другите, стануваш узурпатор на туѓите слободи... За мене како професор сите се исти и нашите деца. Функционирањето на училиштата и системот се мојот прв приоритет“, рече Мацут.

Тој презентирајќи ја програмата на идната влада, го започна својот говор со зборовите на Милош Обреновиќ и рече дека најважна должност на носителите на власта, но и на сите граѓани е да и служат на татковината и заедно и обединети да ја достигнат целта за заедничко добро и напредок на народот во државата.

„Таа должност ги засега сите луѓе, особено оние кои се на најистакнатите државни функции, но и секој наш граѓанин, без разлика дали е земјоделец, студент, професор, службеник, војник, судија или која било друга професија“.

Претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ на почетокот на седницата рече дека ја свикала во пократок рок отколку што е определен со Деловникот поради потребата да се избере влада во рокот утврден со Уставот на Србија.

Кандидатот за премиер Ѓуро Мацут вчера до Собранието достави предлог за состав на влада на Србија. зш/

Остани поврзан