• вторник, 17 декември 2024

Почна карванот „Собрание за граѓаните“ 

Почна карванот „Собрание за граѓаните“ 

Скопје, 25 октомври 2022 (МИА) - Стекнување со знаења за работата на Собранието, историјата на парламентаризмот, законодавната постапка и други теми од работата на институцијата, како и средби со пратениците од општините ќе бидат дел од парламентарниот карван што почнува денеска. Освен едукативна, активностите имаат за цел зголемување на транспарентноста и отчетноста на Собранието.

Како што информира собраниската прес-служба, карванот „Собрание за граѓаните“ ќе посети 12 градови низ земјата, додека завршниот настан ќе се одржи во Скопје. Проектот се реализира во рамки на „Програмата за парламентарна поддршка“ која што е финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) преку Швајцарската Амбасада.

-Овој карван е еден поинаков начин за приближување на начинот на функционирање на законодавниот дом и на самите пратениците на Собранието на Република Северна Македонија до граѓаните чиј што легитимитет и го уживаат во собраниските клупи. Ова е дополнителна можност за тие граѓани да се запознаат со избраните пратеници од нивните изборни единици во градовите во кои живеат и работат, вели претседателот на Собранието на РСМ, Талат Џафери.

Активностите почнаа денеска во Штип и потоа продолжуваат во Кавадарци на 26 октомври, во Гевгелија на 27-ми, во Струмица на 28-ми, во Радовиш на 31 октомври, во Кочани на 1 ноември, во Велес  на 2-ри, Прилеп на 3-ти, Битола 4-ти, Охрид 7-ми,  Дебар 8-ми и Гостивар 9 ноември.

Карванот ќе биде заокружен со завршен настан којшто е закажан за 12 ноември (сабота), во паркот Жена-борец.

-Граѓаните можат да учествуваат во демократијата во Република Северна Македонија не само со гласањето на изборите, туку и преку споделување идеи и прашања што ги загрижуваат со нивните избрани претставници. Законодавните и надзорните улоги на Собранието се посилни кога се слуша гласот на граѓаните и нивните ставови се застапени од страна на пратениците во Собранието, вели Роберт Скот Хејзлет, тим-лидер на „Програмата за парламентарна поддршка“. Во текот на карванот, граѓаните ќе имаат можност да се стекнат со знаења на теми како историја на парламентаризмот, процесот на донесување закони, мандат и имунитет на пратениците, односи со другите институции на власта, организација и функционирање, парламентарни избори, како и политичка контрола и надзор над Владата од страна на Собранието. На секоја од локациите каде што ќе се одржува карванот ќе бидат присутни и пратениците од соодветната општина, при што граѓаните ќе имаат можност со нив да воспостават директен контакт и да разменат мислења. Кампањата „Собрание за граѓаните“ се реализира во рамки на „Програмата за парламентарна поддршка“, 10-годишен проект поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) преку Швајцарска Амбасада во Република Северна Македонија. „Програмата за парламентарна поддршка“ се спроведува од Националниот демократски институт (НДИ), Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) и Центарот за управување со промени (ЦУП). сст/дма/

Остани поврзан