• понеделник, 23 декември 2024

Почна амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025, седницата продолжува по 16 часот

Почна амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025, седницата продолжува по 16 часот

Скопје, 19 ноември 2024 (МИА) – Со претрес по амандманите за Предлог-буџетот за 2025 година, денеска продолжи комисиската расправа во Собранието. Седницата на Комисијата ќе продолжи во 16:15 часот.

За Предлог–буџетот за 2025 година се поднесени вкупно 307 амандмани од кои 204 од опозициската СДСМ.

Првиот амандман поднесен од СДСМ се однесуваше на зголемување на платите во администрацијата. Со овој амандман, како што образложи пратеничката Даниела Николова, бараат 3,5 милијарди денари, односно 57 милиони евра со кои ќе се обезбеди покачување на платите во администрацијата.

- Сите знаеме дека буџетот треба да одговор на потребите на граѓаните, но ова што го имаме пред нас не не убедува дека Владата ќе се грижи за потребата на граѓаните. Овој буџет како и сите активности во изминатиот период што ги имаше Владата дадоа јасен сигнал каде и со кои политики ќе се движи оваа влада, а тоа значи поголемо задолжување, зголемен дефицит, речиси двојно зголемени ставки на стоки и услуги, купување на возила и на мебел, рече Николова.

Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски не го прифати амандманот посочувајќи дека веќе има раст на пензиите и раст на минималната плата.

- Во буџетот за 2025 година има планирано средства за зголемување на платите согласно постојните законски решенија, гранските и поединечните колективни договори и во фазата на дополнет буџет за 2025 година ќе се изнајде начин за обезбедување дополнителни средства за покачување на платите согласно постигнатите договори на Економско-социјалниот совет  и преговорите со синдикатите за Општиот колективен договор, рече Јанкуловски. 

Пратениците од власта побараа од пратениците на СДСМ да го повлечат овој амандман, бидејќи, како што рекоа, ова им е „ветар и магла“. Пратениците од власта потенцираа дека со поднесувањето на овој амандман се докажува колку се реални и оние политики за кои СДСМ се залагала.

- Сакам да им честитам на сите здравствени работници за една пријатна вест, а тоа е дека до крајот на годината ќе има покачување на платите од 10 проценти, наредната година 5 проценти, по наредната од 5 до 7 проценти, во 2027 година од 5 до 7 проценти и во 2028 година од 7 до 10 проценти. Помеѓу 40 и 50 проценти. 22 илјади вработени ќе добијат 48 проценти покачување на платата. Ако го прифатиме нивниот амандман вака како што е поднесен, наместо 10 милијарди денари ќе има само три милијарди денари за зголемување на платите.  Таков амандман вие сте поднеле. Ве молам, бидете сериозни, ова е сериозна работа, рече Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.

Според пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи, неприфаќањето на овој амандман ќе значи прекршување на Општиот колективен договор и ќе продолжи праксата на системско непочитување на законите. 

Топлинска енергија ќе биде испорачана до крајот на грејната сезона, уверува потпретседателот на СДСМ и кандидат за вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи, кој и досега ја извршуваше о

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески го праша Битиќи да каже каде завршиле 600 илјади евра кои легнале на сметка на невладината организација на неговата сопруга и зошто по пет дена откако ги земала финансиските средства била избришана од овластени лица на нејзината невладина организација со промена евидентирана во Централен регистар. На контрареплика на Ристески, Битиќи рече дека ако најдат едно евро добиено од тој проект ќе враќа 600 илјади евра, но ако не, тогаш ќе побара отштета од пратеникот и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ.

Дел од амандманската расправа беше и денешното назначување на Радмила Шеќеринска за заменик генералниот секретар на НАТО. Битиќи рече дека треба да им се поклонуваат сите пратеници на Шеќринска за ова достигнување. На ова одговори Ласовска, која рече дека немаат намера да и се поклонуваат на Шеќеринска.

Расправата за Буџетот за следната година на собраниската Комисија за финансирање и буџет трае 10 дена и треба да заврши најдоцна до 30 ноември по што продолжува на пленарна седница. Согласно законот, Буџетот за 2025 година треба да биде изгласан до 31 декември. фф/бак/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан