• недела, 05 јануари 2025

Почетокот на судењето за разрешување на јужнокорејскиот претседател Јун закажан за 14 јануари

Почетокот на судењето за разрешување на јужнокорејскиот претседател Јун закажан за 14 јануари

Сеул, 3 јануари 2025 (МИА) - Уставниот суд на Јужна Кореја го закажа за 14 јануари почетокот на судскиот процес во врска со импичментот на претседателот Јун Сук Јеол, соопшти денеска судот.

Судот наведе дека Јун мора да присуствува на првото рочиште, додека второто рочиште е закажано за 16 јануари, во случај Јун да одбие да се појави на првото судење.

Во меѓувреме, обвинителството го обвини високиот командант на армијата на Јужна Кореја и началникот на специјалните сили поради нивната наводна улога во воведувањето воена состојба минатиот месец.

Началникот на Генералштабот, Парк Ан Су и началникот на командата на специјалните сили Квак Јонг Кеун беа обвинети за бунт и злоупотреба на моќта. На 3 декември, Парк потпиша декрет за воена состојба, кој истражителите го сметаат за неуставен бидејќи вклучуваше забрана за сите политички активности.

Квак е обвинет дека по наредба на Јун испратил специјални сили во Собранието за да се обезбеди зградата и да ги спречат пратениците да усвојат одлука со која би се отфрлила воената состојба. Исто така, американскиот државен секретар Ентони Блинкен планира да ја посети Јужна Кореја на почетокот на следната недела, потврдија дипломатски извори.

Оваа посета ќе биде прва посета на Блинкен на Сеул по импичментот на Јун. За време на посетата Блинкен ќе се сретне со министерот за надворешни работи Чо Тае-Јул, а се очекува да се сретне и со јапонскиот министер за надворешни работи Такеши Иваја, кој во Сеул би допатувал на 13 јануари. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан