• недела, 22 декември 2024

Потпишан договор за соработка и размена на информации во електронска форма меѓу МВР и Управа за водење на матични книги

Потпишан договор за соработка и размена на информации во електронска форма меѓу МВР и Управа за водење на матични книги

Скопје, 25 јануари 2024 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и директорот на Управата за водење на матичните книги Емир Сулејмани денеска потпишале Договорот за соработка и размена на информации во електронска форма, а со цел натамошно поттикнување и јакнење на меѓусебната соработка и поуспешно и поефикасно спроведување на законски утврдените надлежности, соопшти МВР.

-На овој начин воспоставуваме соработка со размена на податоци и документи во електронска форма преку Националната платформа за интероперабилност, согласно прописите од областа на електронското управување и електронските услуги. Согласно договорот ќе се применуваат највисоките стандарди за етичко и законито однесување, а ќе се преземаат и сите потребни мерки со цел навремено откривање на корупцијата и отстранување или намалување на штетните последици од истата. Како договорни страни, за потребите на нашите институции, преку платформата за Интероперабилност овозможуваме меѓуинституцинална соработка и пристап до регистрираниот сервис за „Определување на матичен број”, истакнал министерот Спасовски за време на средбата пред потпишувањето на договорот.

Според Спасовски овој договор го претставува напредокот и модернизацијата, како и тоа дека соработката и употребата на технологијата може да создадат силни врски помеѓу различни институции со цел да обезбедат ефикасна и ефективна услуга кон граѓаните и да се елиминираат злоупотребите.

-Преку овој договор ние ги зајакнуваме нашите капацитети за брза и точна размена на информации, што е од клучно значење во работата на нашите институции, со што овозможуваме поголема трансапрентност, ја намалувме бирократијата и ги елиминираме можностите за злоупотреба. Силно верувам дека ова е чекор напред кон подобра сервисна ориентираност на нашите институции кон граѓаните и сведочи за нашата подготвеност да се прилагодиме на новите предизвици и да го искористиме потенцијалот на технологијата за да го подобриме квалитетот на животот на секој поединец, истакнал Спасовски.

Тој притоа упатил благодарност до вклучените во проектот - Одделот за информатика и Одделот за граѓански рабои при МВР, како и до соработницире од Управата за водење на матичните книги.

Директорот на Управата за водење на матичните книги Сулејмани потенцирал дека конечно се остварува неколкугодишната заложба да се реализира овој проект, со оглед на тоа дека институциите се првиот контакт со граѓаните. Притоа, тој истакнал дека со соодветни упатства и рокови ќе се продолжи со имплементација на договорот. дма/са/

Фото:МВР

Остани поврзан