• понеделник, 23 декември 2024

Постапка за формирање Драмска аматерска академија иницира Ротари клубот Кочани - Виница

Постапка за формирање Драмска аматерска академија иницира Ротари клубот Кочани - Виница

Кочани, 28 април 2023 (МИА) – Ротари клубот Кочани – Виница почнува постапка за формирање Драмска аматерска академија за млади актери од источниот регион, во рамки на активностите за одбележување на 10-годишнината од своето постоење.

Основањето и работата на Академијата во Кочани ќе се финансира преку проектот „Направи разлика“, што во наредните пет години ќе се реализира во соработка со Фондацијата за локален развој и Ротари клубот Штип, а по неговото завршување ќе има континуитет во обезбедувањето средства за одржливост во функционирањето.

- Под покровителство на нашиот ротари клуб, а во соработка со Општина Кочани и нашите партнери од Штип, ја подготвуваме театарската претстава „Тунел“ што ќе учествува на Драмскиот аматерски фестивал во Кочани, а ќе биде вовед во оформувањето на Драмска аматерска академија. Целта е да го помогнеме развојот на културата, како и да ги поддржиме младите надежни актери да ги остварат своите цели и идеи. Имаме доволно стручен и професионален кадар кој ќе даде поддршка и ќе работи со нив, за да градиме нови професионалци и да се продуцираат квалитетни тетатарски претстави, истакна Сашко Андонов, претседател на Ротари клубот Кочани – Виница.

Почетните активности за реализација на идејата се граѓански и независни, се тргнува од принципот „од заедницата за заедницата“, односно не се вклучени институции, политички организации или други субјекти.

- Во Кочани и регионот има голем број млади кои сакаат да се занимаваат со театар, а потврда за тоа е што токму на изборот за актери во претставата „Тунел“ наидовме на огромен одѕив од кандидати. Бевме временски ограничени во подготовката за да се стигнеме да ја прикажеме пред Драмскиот аматерски фестивал, избравме 11 млади актери, а останатите ќе мора да почекаат додека профункционира Академијата за да бидат вклучени во други театарски проекти, истакна Кристина Атанасова Арсова, професионална актерка и претседателка на Драмскиот аматерски фестивал.

Иако почнува како проект, со обезбедувањето финансиска самоодржливост се планира Драмската аматерска академија во втората фаза од работењето да добие и соодветна институционална форма. та/цр

фото: МИА

Остани поврзан