• понеделник, 23 декември 2024

Поставена првата агрометеоролошка станица во Пехчево

Поставена првата агрометеоролошка станица во Пехчево
Пехчево, 26 октомври 2020 (МИА) - Во атарот на село Негрево, поставена е првата агрометеоролошка станица во Пехчево. Целта на поставувањето на станицата, како што информираа од Општина Пехчево, е заштита на земјоделските култури и животната средина. -Оваа станица ќе им обезбеди информации на земјоделците за навремена заштита на земјоделските култури од атмосферските влијанија и ќе им даде можност да ги планираат сите агротехнички мерки што треба да ги преземаат во одреден период од годината, истакнаа од Општината. Во наредниот период, како што додаде градоначалникот Драган Тренчовски кој заедно со претставници на Источно-планскиот регион заеднички ја поставија станицата ќе се изработи и веб-платформа, за полесно следење на промените кај културите. -Преку апликацијата земјоделците ќе добиваат информации за можната појава на болести кај растенијата под влијание на временските услови. Уредите што ги содржат станиците ќе ги мерат и температурата и влажноста на воздухот, како и брзината и правецот на ветерот, количината на врнежи, соларната радијација, влажноста на листовите на растенијата, како и температурата и влажноста на почвата, додаде Тренчовски. Агрометеоролошката станица, како што додадоа надлежните е обезбедена преку Програмата за одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој, со финансии од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за локална самоуправа. вс/мд/

Остани поврзан