Посетата на Курти во Сараево предизвика остри реакции од Србија и од Република Српска
- „Спротивно на Србија, која никогаш не го доведе во прашање територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина ниту со збор ниту со дело, официјално Сараево покажа дека не го признава територијалниот интегритет на својот најблизок сосед“, оцени Ѓуриќ.
Сараево, 6 декември 2024 (МИА) - Косовскиот премиер Албин Курти денеска се сретна со високи функционери во Босна и Херцеговина, што предизвика осуди од Република Српска, чијашто политичка елита го оспорува неговото присуство, бидејќи БиХ не го признава Косово како независна држава.
Остри реакции дојдоа и од Србија.
Првата посета на косовски премиер на БиХ првично беше планирана во рамките на самитот ЕУ-Западен Балкан во Неум, но самитот беше откажан. Сепак, Курти пристигна во Сараево и се сретна со членот на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ.
Претседателката на Претседателството, Жељка Цвијановиќ, изјави дека овој состанок не бил одобрен од државниот протокол, нарекувајќи го приватен.
- Ако сакале да се дружат, можеле да отидат во кафеана, а не во институционална зграда, изјави Цвијановиќ.
Канцеларијата на Комшиќ возврати дека членовите на Претседателството не мора да бараат дозвола за свои состаноци и дека критиките од РС и Србија го поткопуваат суверенитетот на БиХ.
Министерот за надворешни работи на Србија Марко Ѓуриќ им порача на членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ и Жељко Комшиќ, по приемот на премиерот на Косово Албин Курти да не и поставуваат прашања на Србија во врска со поддршката на БиХ и нејзиниот територијален интегритет.
Ѓуриќ рече дека одлуката на Беќировиќ и Комшиќ да го примат Курти ја нарушува „основата на односите меѓу Србија и Босна и Херцеговина и може да произведе непоправливи последици за билатералните односи“.
Тој изјави дека „оваа одлука е спротивна на внатрешната организација на БиХ, карактерот и природата на добрососедските односи меѓу Србија и БиХ и дека е длабоко спротивна на принципите на добрососедство и меѓусебно почитување меѓу двете земји“, соопшти Министерството за надворешни работи на Србија објавија.
„Спротивно на Србија, која никогаш не го доведе во прашање територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина ниту со збор ниту со дело, официјално Сараево покажа дека не го признава територијалниот интегритет на својот најблизок сосед“, оцени Ѓуриќ. ссм/
фото: архива