• петок, 05 декември 2025

Полицијата апелира до учесниците во сообраќајот во Дебарско на поголема внимателност

Полицијата апелира до учесниците во сообраќајот во Дебарско на поголема внимателност

Дебар, 7 јули 2025 (МИА) - Поради зголемената фреквенција на возила по патиштата низ дебарско, условено од пристигнувањето на иселениците, поранешни жители и нивни потомци во селата, главно во подрачјето на Мала Река, но и на туристи, полицијата упати апел на крајно внимателно управување на моторни возила, строго почитување на сообраќајните знаци и другата вертикална и хоризонтална сигнализација.

-Исто така упатуваме апел и до пешаците, велосипедистите и мотоциклистите како учесници во сообраќајот, да бидат совесни и одговорни, пешаците да ги користат обележаните пешачки премини за премин на коловозите а велосипедистите и мотоциклистите да користат заштитна кацига и друга неопходна опрема, посочуваат од полицијата.

Предупредуваат дека секое спротивно однесување како и зборување на мобилен телефон при управувањето со возилата, ќе биде санкционирано согласно одредбите од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата.

Фреквенцијата секако ја зголемуваат и големиот број граѓани од други градови кои заминуваат на одмор во Албанија а го користат автопатот „Патот на Арбр“ (Руга е Арбрит), со чија изградба многу побислку е патувањето до Тирана, но и до познатото летувалиште Шнѓин.

Од полицијата нагласуваат дека се засилени контролите во патниот сообраќај, се со цел поголема безбедност, додавајќи дека во последните неколку дена полициските службеници контролирале повеќе од 100 возачи на моторни возила, во и надвор од населено место.

Констатирано е управување возилата под дејство на алкохол, при што веднаш се исклучени од сообраќај и одземени им се возачките документи на седум возачи.

Исто така констатирано е управување со брзина поголема од дозволената (15), како и престигнување други возила на места каде со сообраќаен знак е забрането (10). На сите ним поднесени им се соодветни платни налози. вт/дма/


Фото: МИА

Остани поврзан