• петок, 22 ноември 2024

Познати добитниците на признанијата што ги доделува МД „Илинден“-Тирана

Познати добитниците на признанијата што ги доделува МД „Илинден“-Тирана

Дебар, 6 февруари 2024 (МИА) - По повод 15-годишнината од формирањето, раководството на македонското друштво „Илинден“ - Тирана донесе одлука за доделување на истоимената награда и благодарници на поединци и институции. Признанијата се доделуваат на лица и институции за нивните особени заслуги за ангажман и перманентните активности во насока на зачувување и одржување на националниот идентитет на припадниците на Македонците во Република Албанија.

-И овој пат беа предложени повеќе институции и поединци, но од предложените избрани се оние кои со својот ангажман најмногу придонеле за подобрување и дисперзија на сознанијата за животот, историјата, културата и зачувување на автентичната македонска традиција на македонското население во Албанија. Годинава добитник на наградата „Илинден“ е „Нова Македонија“-Скопје, Република Македонија, кој е прв дневен весник на македонски јазик чиј прв број е отпечатен во далечната 1944 година, стои во објавата на Друштвото.

Почесната награда „Илинден“ првпат беше востановена на одбележувањето на јубилејот, десет години од формирањето на друштвото кога му беше доделена на епископ г. Партениј Антаниски, игумен на Бигорскиот манастир.

-Благодарници се доделуваат на Јован Шкмби, советник од редовите на Македонска алијанса за европска интеграција во Советот на Општина Поградец, Весна Мојсова-Чепишевска - редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Иван Антоновски, асистент на истиот факултет, Живко Лазаров, претседател на македонски клуб „Илинден“-Лацен, Германија, Дејан Костески, претседател на Ракометниот клуб „Енхалон“, Струга, и Далибор Станковиќ, новинар во „Нова Македонија“, се наведува во објавата.

Претседателот на друштвото Никола Ѓурѓај од негово и име на друштвото им честита на добитниците со надеж дека ќе послужат како поттик за натамошен ангажман на наградените во нивната досегашна определба да работат во интерес на вистината за животот и ангажманите на Македонците во Република Албанија.

МД „Илинден“ е формирано на 6 февруари 2009 година и регистрирано во Основниот суд во Тирана, чија мисија е заштита и афирмација на етничкиот, јазичен, културен, верски, историски идентитет на Македонците во Република Албанија. вт/мд/

Остани поврзан