• вторник, 05 ноември 2024

Познати добитниците на „Ноемвриската награда“ во Куманово

Познати добитниците на „Ноемвриската награда“ во Куманово

Куманово, 1 ноември 2024 (МИА) - Никола Давидовски, естраден уметник во пензија, Агрон Фазлии, претседател на занаетчиската комора и Столе Димитриевски, голман на фудбалската репрезентација се годинашниве добитници на највисокото општинско признание на Куманово, „Ноемвриската награда“, соопштија надлежните на денешната прес-конференција. Ноемвриската награда во вид на диплома ќе ја добијат НУ Музеј Куманово, „Форма Куманово“ и здружението „Крепост“.

Во образложението, претседателката на Комисијата за одбележување празници и манифестации, Невена Величковска Зиројевиќ, соопшти дека наградата ќе ја добие Никола Давидовски, естраден уметник во пензија, за долгогодишната кариера на македонската музичка сцена на која испеал бројни песни, меѓу кои е и безвременскиот хит „Земјо мила“ која при осамостојувањето на државата била предложена и за државна химна.

Агрон Фазлији, претседател на занаетчиската комора и менаџер на фирмата модна куќа „Стил“ – Куманово, кој ја добива наградата за исклучителниот придонес во промовирањето на занаетчиството на регионално, национално и меѓународно ниво, при што придонесе Куманово да стане водечки центар на традиционалните занаети во државата, како и за неговата клучна улога во обезбедувањето на субвенции, бенефиции и други финансиски поволности за занаетчиите, со што им овозможи нивна финансиска стабилност и можности за развој.

Избор на Комисијата за наградата е Столе Димитриевски - голманот на фудбалската репрезентација на Македонија и на шпанскиот фудбалски клуб „Валенсија“, кој има одиграно повеќе од 70 натпревари за македонската репрезентација, а во 2021 година ја претставуваше државата на дебитантскиот настап на Европското првенство во фудбал, каде особено се истакна со своите маестрални одбрани.

„Ноемвриска награда“ на Општината Куманово за 2024 година, во вид на диплома, се доделува и на правните субјекти кумановскиот музеј за огромниот придонес кон популаризацијата на музејот и музејската дејност и едукативното дејствување за значењето на културното наследство на државата, а кој оваа година одбележува повеќе јубилеи, меѓу кои и 60 години од формирањето. Здружение за ликовна уметност „Форма Куманово“ – Куманово, за значајниот придонес во областа на уличната уметност, автор на многубројни мурали и графити во Куманово и во многу други градови во државата и во странство, како и хуманитарна организација „Крепост“ – Куманово, за реализираните хуманитарни донации за социјалните категории на лица во градот и во руралните средини.

- Годинава имавме 22 пријавени, од кои дванаесет за физички и десет за правни лица, изјави претседателката на Комисијата, Величковска Зиројевиќ. Покрај неа во Комисијата членуваат претставници од различни политички субјекти, партиципиенти во Советот, Мирјана Прокиќ, Дејан Ивановски, Гордица Бошковска, Менду Асани, кои едногласно ја донеле одлуката.

Наградите ќе бидат врачени на свечена седница на општината на 11 ноември годинава. Предвидена е и парична награда за тројцата наградени и дипломи за правните субјекти. ам/дма/


Фото: МИА

Остани поврзан