• среда, 15 јануари 2025

Пожарот во Пехчево се уште активен, се прават крајни напори до вечер да биде ставен под контрола

Пожарот во Пехчево се уште активен, се прават крајни напори до вечер да биде ставен под контрола

Пехчево, 14 август 2024 (МИА) - Во Пехчево четврти ден е активен пожарот од кој е зафатена огромна површина со борова шума. Од пожарот настрадаа и туристички локалитети кои беа неизбежен белег на Пехчево за посета на туристите.

Според информации на Доброволното противпожарно друштво ,,Пехчево", добра вест е што во моментот се задава крајниот удар пожарот да биде ставен под контрола.

-Пожарот е со смален интензитет, па да се надеваме дека до крајот на денот ќе биде локализиран, се вели во информацијата од ДПД ,,Пехчево".

Во гаснењето на пожарот пожарникарите имаа хеликоптерска и поддршка од ер-трактори.

-Исто така мештаните имаат голема волја да се изгасне пожарот. На терен имаме околу 200 луѓе кои вчера и денес го гаснеа пожарот. Некои делови што беа опожарени се санирани, но се уште гори и пожарот не е под контрола, истакна градоначалникот на Пехчево, Александар Китански.

Според него, ако Пехчево важеше за место каде туристите доаѓаат во летниот период да се оладат и да дишат чист воздух, со овие пожари како што додава Пехчево остана без белодробното крило.

-Ако пред две три години изгоре едното белодробно крило, сега изгоре и второто белодробно крило, така што штетите се ненадоместлива. Изгоре голема површина на борова шума, додава Китански.

Упати благодарност до противпожарните единици од Кавадарци, Пехчево, Берово, Делчево, Кочани, Виница како и доброволните друштва од овие градови како и до сите релевантни институции кои несебично се залагаат да го изгаснат пожарот над Пехчево кој се уште е активен. вс/са/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан