• недела, 26 јули 2026

Поетесата Николина Андова Шопова за МИА: Вистинската вредност на поезијата не е во наградите, туку во постојаното враќање кон јазикот и себеси

Поетесата Николина Андова Шопова за МИА: Вистинската вредност на поезијата не е во наградите, туку во постојаното враќање кон јазикот и себеси

Струга, 5 јули 2026 (МИА) - 

Слаѓана СТОЈКОВА КОСТОСКИ

Од дебитантка, наградена со признанието „Мостови на Струга“ на Струшките вечери на поезијата, до зрел автор кој успешно се движи меѓу поезијата, прозата и разиграниот свет на литературата за деца, Николина Андова Шопова годинава се закити и со највисокото национално признание за поетско творештво „Браќа Миладиновци“ за збирката „Во куќата“.

Во интервју за МИА зборува за чувството да се најде меѓу добитниците на ова престижно признание, во друштво на некои од најголемите имиња на македонската книжевност, испраќајќи порака дека вистинската вредност на поезијата не е во наградите, туку во постојаната потреба повторно да се создава и да се истражуваат можностите на јазикот.

Добитник сте на најпрестижната национална награда за поетско творештво во Македонија, „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата. Што претставува за вас оваа награда?

- Голема е честа и радоста, и малку необично чувството, кога награда со ваква историја ќе го допре и твоето име. Да се најдете во низата добитници на оваа награда значи да се најдете во друштво на некои од најголемите имиња на македонската книжевност. Затоа ваквите награди лесно можат да создадат чувство дека си стигнал некаде, дека нешто е заокружено. Но, поезијата не се согласува со тоа. Таа брзо те враќа на почеток - пред празната страница, каде сè почнува одново. И можеби токму во тоа има малку иронија: наградата ви дава признание, а поезијата веднаш ви го одзема комфорот од него. Не за да ве понижи, туку за да ве задржи будни.

На крајот, останува едно едноставно сознание - дека секоја следна песна почнува од нула, без разлика на тоа што стои зад вашето име. И дека тоа е, веројатно, единствената вистинска константа во оваа работа.

Во потесен круг бевте со врвни македонски поети, некои од нив веќе го имаат понесено ова признание. Што почуствувавте кога го слушнавте вашето име дека сте добитник?

- Во тој момент не се случува едно јасно чувство, туку кратко прелевање на неколку состојби што не брзаат да се именуваат. Како нешто да се поместува во позадина, без да бара внимание, а сепак да ја менува тежината на сè околу себе. Радоста е тука, но без потреба да се докаже. Повеќе личи на тивко прифаќање отколку на еуфорија. Тука е и сомнежот, како нејзина сенка. Со него оди и мала недоверба, како природна воздржаност пред нешто што е поголемо од моментот во кој стоиш. Тука е и благодарноста, препознавањето дека ништо не почнува од нас и ништо не завршува со нас. Дека ништо од тоа не стои само и дека зад еден момент секогаш има повеќе гласови, читања и тивки поддршки отколку што може да се изговори на сцена.

Поетската збирка „Во куќата“, за која и го добивте признанието „Браќа Миладиновци“, е поделена на два циклуси. Што опфаќаат тие?

- „Во куќата“ е поетска збирка што ги истражува односите меѓу телото, меморијата и јазикот, во еден свет изграден врз чувството дека човекот никогаш не постои само во сегашноста, туку истовремено живее во своите спомени, наследства и неискажани приказни. Телото тука се појавува како вид дом и архива. Во него се таложат семејните приказни, отсутните луѓе и предметите што ги надживуваат своите сопственици. Во тој двоен однос, куќата и телото постојано се заменуваат едно со друго: телото станува населено со сеќавања, а домот добива нешто од човечката внатрешност. Стиховите во збирката се потпираат на конкретни слики и предмети - папучи, тефтерче, чаршафи, домофони, куќи - низ кои се отвораат прашањата за загубата, припадноста и наследството.

Тоа не е прва ваша награда на Струшките вечери на поезијата, во 2013 го понесовте признанието „Мостови на Струга“ за млад поет дебитант. Беше ли тоа мотив да продолжите да пишувате, да се надградувате и да се искачувате повисоко?

- Кога првата книга ќе добие награда, тоа може да создаде чувство дека вреди да се продолжи и да биде важен поттик за понатамошно пишување. Секако дека првите признанија се привремено осветлување на патот на текстот. Но од оваа дистанца мислам дека поезијата не се сеќава многу на наградите. Човек може да ги памети, да им се радува, но текстот продолжува да се раѓа од истите сомнежи и истиот отпор, без разлика што се случило претходно. Од друга страна, добивањето на наградата „Мостови на Струга“ во 2013 година ми отвори многу врати - фестивали, преводи и средби со различни читатели и автори, на различни јазици и во различни контексти. Во еден момент сфаќате дека песните почнуваат да живеат и надвор од местото на нивното настанување, да патуваат на начини што не можете целосно да ги предвидите.

Покрај поезијата, што опфаќа Вашето творештво?

- Она што го пишувам се движи низ неколку книжевни форми, но за мене тие никогаш не биле строго одвоени територии. Повеќе ги доживувам како различни начини на кои јазикот може да се приближи до истото прашање - само со различен ритам и различна должина на здивот. Започнав со поезија, потоа дојдоа и романите, но преминот од поезија во проза не го почувствував како промена на форма, туку како промена на светлина. Како кога во истата соба се отвора друго прозорче и предметите почнуваат да изгледаат поинаку, без да се помрднат. Прозата дојде како потреба да се остане подолго во таа иста просторија, да се прошета меѓу работите, да се види што се случува кога мислата не брза да се затвори. Така некако се случија „Некој бил тука“ и вториот роман, „Естом“. Во меѓувреме се отвори и една нова врата, зад која немаше нов свет, туку истиот, но со повеќе простор за игра. Дојдоа и книгите за деца „Кртот Ѕвездан“ и „Најмалиот џин Џуџо и најголемото џуџе Џино“. Во нив јазикот почнува да се однесува поинаку. Сериозните работи не исчезнуваат, но престануваат да бидат тешки. Сè станува малку полесно за дишење, како кога некои правила ќе се договорат привремено да не важат. Од Ѕвездан, Џуџо и Џино научив дека понекогаш хуморот не ја намалува сериозноста, туку само ја прави поподнослива.

Каква порака ќе испратите од Струшките вечери на поезијата?

- Би посакала да продолжат да ги отвораат вратите за различни гласови и различни искуства, затоа што токму во тие средби литературата останува жива. Да останат место што не ја следи само традицијата, туку постојано ја преиспитува. Место што знае дека поезијата не е украс на културата, туку еден од ретките простори во кои јазикот сè уште може да биде слободен, ранлив и вистински. На крајот, секој фестивал е важен онолку колку што успева да создаде нови разговори, нови читања и нови причини повторно да му се вратиме на еден стих.  сс/вг/

Фото: Струшки вечери на поезијата