• петок, 28 јуни 2024

Подобра патна инфраструктура, зголемени капацитети на комуналните претпријатија приоритети во Југозападниот плански регион

Подобра патна инфраструктура, зголемени капацитети на комуналните претпријатија приоритети во Југозападниот плански регион

Струга, 10 ноември 2023 (МИА) – Потребите за подобрување на локалната патна инфраструктура, зголемување на капацитетите на јавните комунални претпријатија и противпожарните единици преку набавка на возила и опрема, како и зголемувањето на енергетската ефикасност на јавните објекти во општините, беа утврдени како приоритетни во Југозападниот плански регион на првиот регионален форум во Струга со кој почна процесот на генерирање на проектни идеи за програмскиот период 2024/2025 година.

Центарот за развој на Југозападниот плански регион информира дека според утврдените приоритети, ќе креира проекти со кои ќе аплицира кај Министерството за локална самоуправа, односно Бирото за регионален развој.

- На листата се најдоа и идеите за подобрување на образованието во функцијата на потребите на МСП и особено на занаетчиските дејности, а акцент беше ставен на потребите од подобрувањето на услугите во туризмот, имајќи ја предвид генералната слика дека Југозападниот плански регион е профилиран како најзначаен туристички регион во државата. Во овој контекст се истакнаа и потребите за подобрување на општата слика во животната средина, со акцент за решавање на проблемот со отпадот, соопшти Центарот за развој на Југозападен плански регион.

Во наредниот период најавија дека ќе бидат разработени проектните концепти, кои форумот ќе ги разгледа и оцени на втората сесија што ќе се одржи кон крајот на ноември.

- Потоа ќе следува процесот на подготовка на потребната техничка документација и обликување на проектните апликации по што Советот за развој на регионот ќе утврди со кои проекти Центарот за развој ќе аплицира кај Министерството за локала самоуправа, односно Бирото за регионален развој, додаваат од Центарот за развој на Југозападен плански регион.

Очекуваат дека ќе бидат поддржани проекти од регионално значење во висина од 58 милиони динари, средства што ќе се обезбедат од централниот буџет на државата од следната и од 2025 година. сс/ир

Фото: Центар за развој на Југозападен плански регион

Остани поврзан