• сабота, 29 јуни 2024

Повторно се чисти дива депонија кај кумановската населба Перо Чичо

Повторно се чисти дива депонија кај кумановската населба Перо Чичо
Куманово, 29 септември 2022 (МИА) - Екипите на Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ Куманово со механизација ја чистат дивата депонија пред влезот на населбата Перо Чичо. Граѓаните реагираат секојдневно за оваа депонија, која често гори го загадува воздухот и од каде се шири непријатна миризба.
Екипите на претпријатието ја чистат депонијата редовно, но резултати скоро и да нема. По неколку дена на оваа локација се создава нова депонија, најчесто шут. Претходно, реагираа пожарникарите кои во текот на летниот период гаснеа пожар на оваа депонија речиси секој ден, понекогаш и во дневните и во ноќните часови.
- Досега изнесени се четири камиони. Еден камион собира 20 тони. Сметот се носи на „Краста“. Апелираме и замолуваме да не се создава депонија откако ќе се исчисти, изјави директорот на претпријатието, Даниел Стојчевски.
Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ почна со акциски расчистувања на „дивите“ депонии во руралните средини. Според проценките на претпријатието во градот и околината има над десетина поголеми и 40-тина помали депонии. Изминатава недела исчистени се депонии во Горно Којнаре и Табановце, а беа расчистени и градските гробишта.
Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски изјави дека локација се чисти повеќе пати во годината. Тој потсетува дека на локацијата беше изградено детско катче кое беше во насока на одвраќање на несовесните граѓани за депонирање смет. Според него, засилени се контролите.
  - Ние нема да се откажеме, ќе продолжиме заеднички да делуваме за сузбивање на оваа девијантна појава во општеството, ќе продолжиме со акции за расчистуваме на дивите депонии, како и со акции за подигнување на јавната свест за зачувување на чиста и здрава животна средина, вели Димитриевски. Екологистите и граѓаните предлагаат состојбата на оваа депонија темелно да се согледа, бидејќи според нив решение има и не вклучува постојано трошење на ресурси на проблем кој се повторува.
- Општината и претпријатието имаат податоци за генерираниот отпад кој се создава на оваа локација. Потребно е да се постават повеќе садови за смет и редовно изнесување. Тоа можат да го направат со формирање специјална бригада која ќе оперира на подрачјето на речното корито,  редовно ќе информира за тековна состојба кога се полни контејнерите и редовно да се чисти сметот. Тука живее еден дел од население кое селектира отпад и тие неформални собирачи на отпад можат да се стават во системот со управување со отпад, вкулучително и дивите превозници со мотокултиватори. И крајно важно е општината да најде локација за депонирање на градежен шут, изјави еко-активистот, претставник на граѓански сектор Драган Чунгурски. ам/мд/

Остани поврзан