• петок, 05 декември 2025

Повозрасните кумановци заинтересирани за вакцинација против сезонски грип

Повозрасните кумановци заинтересирани за вакцинација против сезонски грип

Куманово, 27 октомври 2025 (МИА) - Зафатени се речиси сите термини за вакцинација против сезонски грип до крајот на неделава во Центарот за јавно здравје Куманово, информираа денеска епидемиолозите. Минатата недела петстотини кумановци се вакцинирале против сезонски грип.

- Заинтересираноста е голема, исто како и претходните години. Оние кои се под ризик, хронично-болните, лицата над 65 години го разбираат концептот на вакцинацијата. Набавивме 1 800 вакцини за овие лица, изјави д-р Јадранка Стаменковска, епидемиолог од ЦЈЗ Куманово.

Термините се закажуваат преку матичните лекари, а дел од заинтересираните и преку веб-страницата со поддршка на помладите членови на семејствата. Вакцината е набавена од холандски производител, наменета за северната хемисфера. Како што објаснува д-р Стаменковска, имунитетот се стекнува од две до три недели по имунизацијата.

Вакцинацијата против сезонски грип, објаснуваат кумановските лекари, е најефикасна мерка за превенција на грип, која спречува појава на потешки форми и хоспитализација. Докторите препорачуваат дека е важно да се вакцинираат здравствените работници, оние кои имаат контакти со повеќе луѓе, шалтерски работници, вработени во поголеми фабрики.

- Очекуваме и дополнителни комерцијални вакцини коишто се наменети за оние лица коишто не се под ризик, изјави д-р Стаменковска.

ЦЈЗ Куманово ќе добие 80 вакцини. ам/мд/


Фото: МИА

 

Остани поврзан